ВИДЕО – Два автобуси изгореа во Прилеп, сопственикот се сомнева дека пожарот е подметнат

Два автобуси на неготинската компанија „Дајо Турс“ утрово околу 2 часот целосно изгореа во пожар додека биле паркирани покрај автобуската станица во Прилеп. Сопственикот на компанијата, Дарко Наумов, не сакаше да даде изјава во камера, но телефонски истакна дека се сомнева за подметнат пожар бидејќи како што рече на видеото од безбедносните камери од соседниот објект се гледало како едно лице бега кон блиската железничка пруга во моментот кога настанал пожарот.

 

 

Автобусите биле постојано паркирани на истото место, а со нив се превезувале работници од Прилеп кои работат за компанијата „Дрекселмајер“ во Кавадарци. Сопственикот првичната штета ја проценува на околу 80.000 евра.

 

Навремената и брза интервенција на прилепските пожарникари спречила катастрофа од поголеми размери бидејќи веднаш до автобусите се наоѓале голем број други паркирани возила, објектот на автобуската станица како и бензинска пумпа.

 

„Акцијата траеше речиси 3 часа до самото завршување  и повлекување на пожарникарите. Учествувано е со 4 возила и 11 пожарникари. Навремената интервенција на нашата екипа спречи поголема опасност пожарот да ги зафати и објектот до автобуската и неколку возила кои беа во самиот круг на автобуската“, истакна Методија Николоски, заменик командир на ТППЕ Прилеп.

 

Од МВР само потврдија дека се работи на случајот и засега не соопштуваат никакви други детали. Повеќе информации се очекува да има во текот на денот.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи