ВИДЕО – Конечно по 2 години протести на повидок решение за „Еурокомпозит“ – вработените го прифаќаат најновиот предлог од Владата

После две години на протести, блокади на патишта и улици, на повидок конечно решавање на проблемот со државниот загубар „Еурокомпозит“. На средбата која се одржала вчера попладне со вицепремиерот Анѓушев на вработените им било ветено дека ќе им бидат исплатени сите заостанати придонеси од 2012 година, кои изнесуваат околу 2 милиони евра и дека Еурокомпозит ќе биде продаден на странски инвеститор за 1,5 милиони евра од кои пари секој доверител и вработен ќе добие по 33% од своите побарувања. Поранешните вработените велат дека конечно се согласуваат со некој предлог од Владата.

 

 

„Ветено ни беше дека во Собранието ќе се донесе закон за Еурокомпозит со кој во целост ќе се исплатат придонесите, кои се околу 2 милиони евра, не се малку пари. Но тоа ќе оди месец илии два. Сега ние треба да му вратиме повратна информација за да започне да ја тера постапката во Собрание“, рече Цветан Бунтески, поранешен вработен во „Еурокомпозит“.

 

„Со еден активен стечај да се прекине слободниот пад на фирмата, инвеститорот да вложи 1,5 милиони евра, а тие пари да се наменат за подмирување на обврските за хипотекарниот долг кон Стопанска банка и обврските на сите доверители кои ќе се подмируваат подеднакво. Тоа ќе се прави преку план за реорганизација кој покрај другите треба да го гласаат и вработените“, истакна Лазе Ангелески, претставник на СИЕР.

 

Освен околу 230 поранешни вработени кои заминаа како технолошки вишок и пензионерите со овој договор се согласуваат и околу 60-тина вработени кои останаа во Еурокомпозит.

 

„Со овој предлог кој го имаме од страна на Владата се согласуваат нашите вработени и мислиме дека најприфатливо е ова решение“, изјави Роберт Богданоски, член на синдикатот.

 

Останувале само да се решат отпремнините за 150 поранешни вработени кои вкупно изнесувале околу 220.000 евра. Еурокомпозитовци се надеваат дека Владата ќе најде решение и за овој проблем.

 

„И мислиме дека конечно ќе се изнајден едно решение за да конечно целиот овој проект се реши целосно и еднаш засекогаш да биде затворекно ова прашање“, кажа Пеце Вељаноски, поранешен вработен во Еурокомпозит.

 

Поранешните и сегашните вработени во Еурокомпозит попладнево и официјално ќе испратат писмо до Владата дека го прифаќаат најновиот предлог за да се започне со активниот стечај и продажбата на компанијата.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи