ВИДЕО – Започна пробниот попис во Прилеп, засега се одвива без проблеми, граѓаните велат редно е да се попишеме

Во 13 општини, помеѓу кои и Прилеп денеска започна пробниот попис. Во градот под Марковите кули, во два пописни круга се планира да се попишат околу 200 домаќинства, а исто толку и во соседната Општина Долнени во селата Лажани и Црнилиште. Пробниот попис засега тече нормално и без никакви проблеми. Граѓаните и нивниот имот се попишуваат преку електронска апликација која засега функционирала без проблем, немало проблем ниту со интернетот.

 

 

„Кога ќе се внеси матичниот број на лицето сите податоци коии се влезени во база како базата од МВР, Агенцијата за вработуавње, УЈП, нашите бази на податоци на ДЗС и други, вкупно се 6 бази, сите тие податоци се генерираат во апликацијата и ги прашуваме домаќините дали тие се точни и само ги потврдуваме. На тој начин оди многу побрзо попишувањето“, истакна Мира Илиевска, инструктор од ДЗС.

 

„Кратко траеше попишувањето, околу 10-тина минути, се беше во ред“, кажа Блаже Кузески, жител на Прилеп.

 

Се попишуваа и оние граѓани кои се во странство доколку семејството ги поседува потребните документи за нив. Доколку семејството пак ги нема потребните документи, идната година во април, тие ќе може сами да се попиишат во странство преку соодветна веб апликација.

 

„Во вкупниот број како резидентно население влегуваат само оние лица кои се отсутни од државата не подолго од 1 година. Меѓутоа и сите лица кои се државјани на Македонија ги евидентираме и попишуваме без разлика што ќе бидат подолго отсутни од државата, но тие не влегуваат во вкупниот број на резидентно население“, додаде Илиевска.

 

Граѓаните без проблем ги примаа попишувачките тимови. Велат дека редно време е Македонија да ја направи оваа статистичка операција.

 

„Треба да се направи попис да се видат луѓето кои се како се, колку се излезени од државата, колку се останати тука. Колку се по националност. Еве син ми е во странство, ние сме двајца, но тој има и наш пасош и австралиски и ги има сите потребни македонскии документи“, Мата Илиоска, жител на Прилеп.

 

„Треба да се направи попис да видиме кои сме и што сме“, изјави Ванчо Илиоски, жител на Прилеп.

 

Целта на пробниот попис била да се увидат сите недостатоци и истите да се корегираат, во октомври ќе имало и втор пробен попис. Резултатите од пробниот попис никаде нема да бидат објавени или публикувани.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.