Пендаровски: САД ќе го ратификуваат Протоколот за НАТО во август

Претседателот Стево Пендаровски на Денот за високи гости на вежбата „Одлучен удар“ на Криволак порача дека очекува САД да го ратификуваат Протоколот за членство во НАТО во август.

 

„Ветувањето од таа страна е дека најверојатно пред да се распушти Конгресот во август, ќе имаме целосна ратификација, што значи дека одиме со одлично темпо кон самитот закажан за 4 декември во Лондон кадешто со право очекуваме да станеме полноправна членка и да ги користеме сите напори кои ги правеше нашата држава не само во сферата на одбраната и во безбедноста, туку и во полето на политиката. Да покажеме дека и политички и безбедносно и со одбранбените реформи, заслуживме да станиме членка на најмоќната воено политичка алијанса во историјата на човештвото“, порача Пендаровски.

 

Според него, колективната одбрана која се остварува преку интероперабилност, интегрирање на конвенционалните и силите за специјални операции на повеќе држави е особено важна за времето во кое живееме.

 

„Предизвиците со кои се соочува секоја земја се преголеми за да имаме индивидуален пристап. Радикализирани поединци, групи, како и меѓународниот тероризам се постојана закана за нашата безбедност и нашите вредности. Постојат и нови хибридни закани, актери со цел да го нападнат нашиот сајбер простор и со тоа да наштетат на нашиот начин на живот. Вежбата „Одлучен удар” е доказ дека можеме да се справуваме со безбедносните предизвици и дека нашата армија е компатибилна со армиите на нашите сојузници од НАТО. Како врховен командант ги поддржувам реформите во одбраната и безбедноста и развивањето на професионална и модернизирана армија. Како држава имаме обврска да го зголемиме одбранбениот буџет на 2% од БДП до 2024 година. Ова е реална цел и ќе ја оствариме. Преку долгогодишното искуство во меѓународните мисии нашата армија се трансформираше во современа армија, компатибилна со нашите НАТО партнери“, рече претседателот.

 

„Одлучен удар” е најголемата воена вежба во историјата на земјава, со 2700 припадници од шест држави, заедно со Соединетите Американски Држави, Албанија, Бугарија, Литванија и Црна Гора.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.