Викендов се одржува тридневниот фестивал „When in Krusevo“

Планинарење, јога, кајакарење, јавање коњи, настапи на бендови и изведувачи од земјава и од регионот се активностите што ќе го одбележат тридневниот настан „When in Krusevo“, што од денеска до 23 јуни ќе се одржува во Крушево.

 

„Основната мисија на тридневниот фестивал, организиран од здружението на граѓани „Outdoor Manifest“, е промоција на капацитетите за алтернативен туризам на градот и околината, преку организирање повеќе групни и индивидуални спортски, адреналински и рекреативни активности“, наведоа организаторите.

Овој настан ќе ја сврти македонската публика кон сопствените неистражени богатства и ќе понуди свеж пристап кон социјалниот живот.

 

„When in Krusevo“ како концепт и идеја е одличен пример за настан што ја промовира земјата како атрактивна дестинација, како за странските така и за домашните туристи“, соопштија организаторите.

 

Антонио Кузмановски, еден од организаторите на настанот, нагласи дека основен мотив и движечка сила зад „When in Krusevo“ е нивната љубов кон градот, природата, дружбата и желбата да го направат Крушево преферирана викенд-дестинација за многу Македонци.

 

„Крушево има огромен неискористен потенцијал за спортски активности, природа, знаменитости, одлична храна и идеална клима. Тоа нè натера да се потрудиме, да го искористиме тој потенцијал и да ги собереме сите рекреативци и љубители на адреналински спортови на едно место. Атрактивноста на настанот за странците и нас нè изненади позитивно и со нетрпение чекаме да се случи овој викенд, кој ќе обедини спорт, музика, добра енергија и различности“, истакна Кузмановски.

 

Еколошкото друштво „Outdoor Manifest”, поддржано од Општина Крушево и неколку локални и регионални компании, по докажаниот успех имаат силна надеж и верба дека фестивалот ќе прерасне во традиција и ќе придонесе кон промоција на крушевскиот алтернативен туризам не само кај домашните туку и кај странските туристи. Бројот на посетители во изминатите години се проценува дека е над 3 000, годинава се очекува оваа бројка да се надмине.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи