Во нехумани услови кои не ги задоволуваат ниту минумим предвидените стандарди, осудениците и притворениците престојуваат во затворите, но она што уште повеќе го отежнува нивниот престој и е навистина загрижувачко е нефункционалниот систем на здравствена заштита, стои во годишниот извештај на Народниот правобранител- Нацонален превентивен механизам.
„Во просториите во затворот во Гевгелија нема систем за сигнализација, па притвореното лице во случај на потреба за контакт со службеникот е принудено да вика или тропа на вратата. Во разговорот пак, со лицата добиени се информации дека и во вакви случаи многу често не наидуваат на одговор. Затворот Гевгелија не располага ниту со посебни простории за издржување дисциплинска казна. Истата состојба е нотирана и во Тетово, каде нема посебни простории за самица, па лицата се сместуваат заедно со новопримените осуденици во приемното одделение“, образложи заменичката народен правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа.
Од канцеларијата на Народниот правобранител веќе издале и препораки за тоа како да се подобрат состојбите во полициските станици од општа надлежност, но сепак, не се постапува по нив. Правниците констатирале дека таму треба да се подобрат материјалните услови, но и да се промени деградирачкиот третман кон задржаните и лицата лишени од слобода.
„Органите ги прифаќаат нашите препораки, но во пракса не ги спроведуваат, особено ако имплементацијата е поврзана со обезбедување финански средства“, изјави Бајрамовска-Мустафа.
Годишниот извештај кој беше презентиран денеска ќе биде доставен до Владата, Собранието, надлежните министерства, но и до меѓународните институции кои работат на полето на заштитата на човековите права.