Од денес поефтин роаминг кон земјите од регионот

Од денеска достапни се поевтини разговори, СМС пораки и мобилен интернет во роаминг за сите граѓани од нашата земја кон земјите од Западен Балкан.

 

Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора  се земјите од каде денеска може да релизирате поефтин  мобилен сообраќај. Повик ќе чини 5,04 денари по минута, а примање повици ќе изнесува 2,9 денари. СМС кон земјите од Западен Балкан ќе чини 2,6 денари, а интернетот ќе се реализира по цена од 1,9 денари по мегабајт . Цените се со вклучен ДДВ и важат за сите земји од Западен Балкан и сите оператори, појасни министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

 

„Намалувањето на цените изразено во проценти значи дека Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора намалувањето е за 68% за појдовни повици, 31% во дојдовни повици, 71% за СМС и 89% за користење за интернет. Процентуалното намалување на сите услуги во Албанија и Косово е 93%. Разликата во намалувањето на цените изразено во проценти се должи на тоа што со првата група на земји  веќе претходно го имавме потпишано договорот за намалување на цените за роаминг, а додека со Албанија и Косово сега за прва пат склучуваме таков договор“, изјави Манчевски.

 

Од 1 ви јули 2021 година, корисниците воопшто нема да плаќаат за користење на роаминг во земјите од Западен Балкан, кога во сила целосно ќе стапи „роаминг како дома“ по примерот на земјите од ЕУ.

 

„Овој договор беше и предуслов за почеток на процесот за намалување на цените и со земјите од Европската Унија., разговорите веќе се иицирани, а целта ќе биде набргу по 1 ви јули 2021 година  да се укине роамингот и со земјите од Европската Унија“, објасни Манчевски.

 

Манчевски напомена дека сега се прават обиди во следниве година и половина да се најде решение за вакво драстично намалување на цените на роаминг услугите со Грција и со Бугарија.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien