ЈКП „Комуналец“ : Пожарот на депонијата е подметнат, превземени се сите мерки за гаснење и спречена е поголема катастрофа, апелираме за поголема свест кај граѓаните

За настанувањето на  пожарот на депонијата во Алинци, ЈКП „Комуналец“ -Прилеп,  ја извести јавноста уште истиот ден. За причините, гаснењето, санирањето од последиците и сите превземени активности околу пожарот, на последната седница на Совет на Општина Прилеп, беа запознати и советниците. Се вели во писмената реакција на ЈКП „Комуналец“ која доаѓа како одговор на прес конференцијата на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

 

Реакцијата ја пренесуваме во целост.

 

„Како што и предходно информиравме, непознати сторители подметнаа пожар на депонијата Алинци. Пламенот кој се закануваше да ја зафати целата депонија  уште истата вечер е ставен  под целосна контрола .

 

Во гаснењето на пожарот учествуваа вработени во Комуналец, со сета своја расположлива механизација и Територијалната противпожарна единица. Со крајна пожртвуваност на вработените и пожарникарите е спречена катастрофа од поголеми размери. Вакви пожари во одредени ситуации  настанати и со самозапалување ни се случувале и порано .

 

Заради можноста од повторно запалување од ветровите кои постојано дуваат околу депонијата, дежурна екипа од Комуналец, со две цистерни и градежни машини и во моментов се  на терен, и ги санира оштетувањата на депонијата.

 

Со цел заштита на животната средина, „Комуналец“ посветува особено внимание во правилно третирање на отпадот : собирање, селектирање и депонирање. Депонираниот отпад на депонијата Алинци се покрива со земја.

 

Во насока на спречување на појава на пожари, подобра заштитата на животната средина, а пред се заштита на здравјето на жителите на Општина Прилеп, апелираме за поголема граѓанска свест и одговорност до сите чинители во општинава“, велат од ЈКП „Комуналец“.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien