Наместо пофалба, дисциплинска за инспекторот кој откри неправилности на Тетовскиот универзитет

Инспекторот Ѓорѓи Илиевски кој во јавноста откри дека владините функционери Арбер Адеми, Агим Нухиу и Сафет Емрули се стекнале непрописно со дипломи од повисоки стручни звања на Tетовскиот државен универзитет додека биле на должност, доби дисциплинска постапка на барање на неговите претпоставени од инспекторатот.

 

Според Илиевски, на овој начин се прикриваат незаконски стекнати звања и преку институциите се обидуваат него да го замолчат.

 

„За да излезам во јавност треба да го прашам директорот. Во конкретнава ситуација, директорот ми забранува да излезат во јавност сите овие неправилности. Ако јас тоа го сокријам, правам криминално дело и сум соучесник во криминал, а јас тоа не сакам да бидам“, изјави Илиевски.

 

Илиевски тврди дека имал и притисоци и закани и од функционерите, бидејќи јавно говорел за деталите кои ги затекнал при надзорот во Универзитетот. Ги повика Народниот правобранител и Хелсиншкиот комитет за човекови права да присуствуваат кога дисциплинската комисија ќе расправа за неговиот случај.

 

„Се обратив до Народниот правобранител, Хелсиншкиот комитет и Државната комисија за спречување на корупцијата и Инспекцискиот совет. Очекувам државата да ме заштити. Бев замолуван од министерот за образование да го сокријам, да го забошотам случајот. Бев замолуван од заменик-министерот за внатрешни работи. Ми укажа да внимавам дека имам семејство и деца“, рече Илиjевски.

 

Постапката е покрената од Африм Саљиу, раководител на секторот за високо образование, а истата е одобрена од директорот на ДПИ, Томе Спировски.

 

Од инспекторатот велат дека по претходно поднесена иницијатива покрената е дисциплинска постапка, за утврдување на дисциплинска одговорност против Илиевски и се однесува на неговото изнесување на факти за предмети кои немаат конечност во постапката.

 

Инспекторот Ѓорѓи Илиевски на 19 јули треба да се појави пред дисциплинска комисија во државниот просветен инспекторат.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien