Прекрасниот балкански рис повторно фотографиран во Маврово

Националниот парк Маврово објави нова фотографија од балканскиот рис. Фотографијата од преубавото животно е направена со помош на фотозамки во рамките на проектот за закрепнување на овој вид на животно, кој се реализира во соработка со Македонското еколошко друштво.

 

Состојба со рисот во Македонија е загрижувачка. Со најновите процени, популацијата на рисот во целиот негов потенцијален регион на Jугозападен Балкан изнесува околу 40 возрасни единки.

 

Оваа процена е добиена благодарение на директното пребројување на единки во јадровото подрачје – НП Маврово и нивна понатамошна екстраполација низ преостанатите погодни станишта. Пребројувањето на единки се вршеше со помош на светски прифатениот метод на фотозамки во 2008, 2010, 2013, 2015 и 2018 година.

 

Во Националниот парк и неговата потесна околина се среќаваат помеѓу 10 и 18 рисови, со просечна густина од 1,7 риса на 100 км2. Фактот дека популацијата е помала од 50 возрасни единки го сместува балканскиот рис во категоријата на критично загрозен (CR) според еден од критериумите на Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN) и како таков е ставен од 2015 година на Црвената листа на IUCN.

 

Балканскиот рис живее во планинските региони на Западна Македонија, особено околу националниот парк „Маврово“, како и на планините Мунела, Шебеник и Албанските алпи во Албанија. Според последните истражувања со фотозамки, потврдено е негово присуство и во западниот дел од Косово.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien