Турција ги доби првите С-400 од Русија – НАТО загрижени поради испораката

Првите единици на противракетниот систем с-400 пристигнаа во Турција денеска и покрај предупредувањата од страна на НАТО сојузниците Анкара да ја прекине набавката.

 

Токму договорот за купување на најновиот противракетен систем од Руско производство дополнително ги наруши односите на Турција со САД и ЕУ. Но за Анкара нема ништо спорно затоа што набавката на воена опрема е суверено право на секоја земја.

 

„Секогаш велевме, што се однесува до ситемот С-400, дека е договор кој веќе се финализира и процесот продолжува да напредува. Ги координираме работите, дозволите за летање и дозволите за персоналот кој треба да пристигне. Процесот кој се однесува на овие работи продолжува. Во секој случај нашето министерство веќе ги објави потребните соопштенија. Нема никаков проблем и процесот продолжува да напредува на здрав начин“, вели турскиот министер за надворешни Мевлут Чавушоглу.

 

НАТО изрази загриженост поради почнатата испорака на руските системи С-400 во Турција.

 

„Алијансата е длабоко загрижена поради настанатата ситуација. Генералниот секретар Јенс Столтемберг претходно повеќепати изјави дека секоја држава членка на НАТО има право  самостојно да носи одлуки за тоа кои типови вооружување ќе ги користи, но руските системи ќе бидат некомпатибилни со системите на американската противракетна одбрана, и тоа е проблем“, се наведува во соопштението.

 

Вашингтон дури се закани со санкции, кои би ја чинеле Турција милијарди долари, во обидот да ја одврати од плановите да го набави системот.

 

Но проблемот со набавката на противракетниот систем не е толку површен и заснован само на политичките односи меѓу Вашингтон и Москва. Паралелно со неговата набавка Анкара нарача и 100 американски ловци Ф-35 и Вашингтон не сака руските техничари кои ќе ги составуваат С-400 да се доближат до авионите затоа што стравуваат дека ќе успеат да му ги анализираат слабостите.

 

Турција и самата учествува во американската програма за производство на авионот, произведувајќи некои компоненти на својата територија, а беше планирана да биде регионален центар за одржување на ловците. Вашингтон веќе ја прекина обуката на турските пилоти како резултат на набавката на рускиот против ракетен систем, а планира и да ја исклучи комплетно од програмата за Ф-35.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien