Штип еутаназира куче заради болви – Анима Мунди бара кривична одговорност

Куче за кое штипска телевизија направи прилог дека држело семејство во градот во „заложништво“ затоа што имало крлежи, беше еутаназирано од надлежните општински органи, постапка која предизвика бура на реакции.

 

Локалните жители тврдат дека кучето кое го нарекувале Бренда било мирно и мило, а голем број од нив и секојдневно го хранеле.

 

„Повеќе од 7-8 години го храневме сите комшии, беше заштитник од ајдуци навечер… Ќе ја бараме Бренда назад ама веќе е касно, немам зборови за Крле, ни вети дека ќе ја исчисти и врати назад, а потоа дознавме дека ја фрлиле во депонија“, пишува еден штипјанец.

 

Со реакција излезе невладината организација за заштита на животните „Анима Мунди“, која ги обвинува општинските власти за лошото третирање на уличните кучиња. Од таму прашуваат зошто кучето било убиено, а не третирано со ампули против болви и вратено на улица.

 

„Ова ли е хуманиот третман на животните кој го вети Влада на Република Северна Македонија, сите градоначалници; со кој добивте огромна поддршка од љубителите на животни на избори? Ниту забрана за еутаназија, ниту полиција за животни, ниту активисти да управуваат со стационари, ниту коњите спасени, хорор сцени секојдневно на улиците – се ветивте, НИШТО не исполнивте! А гледаме колку агилни сте кога треба да се убие! Општина Штип Македонија, градоначалник Бочварски Благој , инспектори и ветеринарна станица – Штип на чело со Крсто Митев, по оваа монструозност ќе ве паметиме и кривично ќе одговарате за убивањето и на ова куче! Свесни ли сте дека секој трет граѓанин во нашата држава има, или се грижи за напуштено маче или куче. Како што тргнаа работите, СИТЕ ќе не имате за непријатели!“, пишуваат од „Анима Мунди“.

 

Не стивнуваат коментарите на социјалните мрежи за прилогот на штипската телевизија што доведе до убивање на животно. Сличен случај на вакво справување со проблемот со кучињата скитници од страна на општина беа грозоморните сцени во Пехчево, кога на социјалните мрежи се појавија видео снимки од кучиња што комуналната служба ги закопува живи.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.