ВМРО ДПМНЕ прифаќа лидерска средба само за предвремени избори

ВМРО-ДПМНЕ прифаќа лидерска средба со премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, но само за предвремени парламентарни избори. Според опозициската партија не може да се разговара со власта за решение на спорните прашања околу статусот на СЈО, Изборниот законик и пописот наредната година кога проблемите ги создал токму Заев.

 

„Власта и премиерот Заев да покажат зрелост, да се седне и да се разговара за што поскоро организирање на предвремени избори, бидејќи изворот на сите проблеми се наоѓа на Илинденска број2“ рече портпаролот на ВМРО ДПМНЕ Наум Стоилковски.

 

Од СДСМ велат дека стратешки интерес на државата е да се донесе  Законот за јавно обвинителството.

 

„Се уште нема договор за лидерска средба. Но ја повикуваме ВМРО ДПМНЕ да не ги кочи процесите што се од интерес на државата и да помогнат да се донесат законите кои се во интерес на евроатланската интеграција на земјата, пред се Законот за Јавно обвинителство во кој се решава и СЈО“ рече Костадин Ацевски од СДСМ.

 

Премиерот Заев минатата недела рече власта и опозицијата треба да седнат и да разговараат барем на три теми: закон за обвинителство, попис и измени на изборниот законик.

 

Последната лидерска средба меѓу Заев и Мицкоски се одржа во март годинава пред претседателските избори. Освен за изборите се разговараше и за СЈО, но договор не се постигна. Тогаш Мицкоски кажа дека не се согласува Јанева и нејизниот тим да бидат дел од СЈО.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.