Неформалниот сопственик на 1 ТВ и шоумен Бојан Јовановски, во јавноста познат како Боки 13, е уапсен на граничниот премин Богородица и е задржан во полициска станица поради случај кој го води обвинителството за гонење на организиран криминал.
Според неофицијалните информации, Јовановски е уапсен на граничен премин при влез во земјава, а со него во полиција е задржано уште едно лице. Од обвинителството не откриваат за каков случај се работи и за попладнево најавија прес конференција.
Новинарот Бранко Героски минатиот месец објави серија текстови со измислени ликови за наводен рекет на медиумски газда врз бизнисмени и политичари. Самиот Боки 13 во интервју на телевизијата „1ТВ“ кажа дека тој се препознал во текстовите на Героски.
Бојан Јовановски од минатата година е менаџер во 1 тв, каде како сопственик се јавува неговиот татко. Неодамна Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги покрена постапка за утврдување на вистинскиот сопственик на телевизијата 1ТВ во Скопје. Ваквата одлука на Агенцијата дојде откако неколку пати Бојан Јовановски, во оваа телевизија, но и на други медиуми изјави дека е сопственик на телевизијата.