Мицкоски: Како Заев не знае кои се Кики и Фрики, а знае кој бил уценуван?

Главата на криминалниот октопод е Зоран Заев, обвинува лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски коментирајќи ги последните случувања околу аферата „Рекет“, која ја стресе власта. Според Мицкоски се работи за организирана група која вклучува луѓе од блиското опкружување на премиерот.

 

„Но главата на тој криминален октопод не се овие обвинети, ниту пак самото СЈО кои се спроведувачи на директиви, туку отворениот сомнеж говори дека тоа е Зоран Заев лично, а пипците на таквиот криминален октопод се луѓето околу Зоран Заев и во дворот на неговата партија“, тврди Мицкоски.

 

Според Мицкоски функционер од Владата влијае на медиуми да не известуваат за аферата.

 

„Власта од петни жили се труди да го стави под тепих овој криминален октопод, или да ја индивидуализира одговорноста кај две до три личности. Еден министер на Заев со броени денови во Владата врти и се заканува по медиуми кои пренесуваат информации за овој скандал“, вели Мицкоски.

 

Тој прашува како може Заев да не знае кои се функционерите на СДСМ кои наводно биле исто така вмешани во скандалот.

 

„Мислам дека не ја говори вистината и многу добро ги знае, зошто тие се витален дел од криминалниот октопод. Од друга страна, сиптмоматично е како не знае кои се Кики и Фрики ама под чудни околности па знае кој бил уценуван. Мислам дека на ваквите лаги веќе не поминуваат. Што се однесува до докази, информации или некои тврдења кои ги изнесов, па на кого да ги предадам, на ова Русковска-обвинителство кое Катица не ја става во притвор, а Заев неформално го амнестира? Ви се молам да говориме за посериозни работи“, порачува првиот човек на опозицијата.

Мицкоски повторно истакна дека не ја гледа потребата од присуство на лидерската средба, затоа што, како што вели, Заев не е подготвен да преговара за предвремени избори.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.