Реакции по изјавата на Заев дека Македонија присвојувала светска, туѓа историја

Не стивнуваат реакциите по изјавата на премиерот Зоран Заев, дадена во интервју за грчката телевизија „Алфа“, во која тој кажува дека земјава присвојувала туѓа, светска и балканска историја како своја.

 

„Во минатото со обидот да се промени и извитопери целата нашата историја, со преземањето на светска, балканска и туѓа историја како наша, без да се води сметка како тоа влијае кај соседите се предизвика состојба да бидеме буквално скарани скоро со сите соседи со кои сме опкружени и се затворија сите процеси за интеграција во ЕУ и НАТО“, изјави Заев.

 

Оваа изјава наиде на големи реакции во јавноста. Меѓу нив е и онаа на новинарот Бранко Геровски кој го искритикува овој непромислен потег на премиерот.

 

„Е јеби га, друже Заев. Читав дека пред некој ден во кабинетот сте правеле стандарди и некаков ред. Што е паметно. Ама во тој ред спаѓа и обврската сериозно да си го средиш вордингот. Најди со писмен и пристоен спич-врајтер, човек што може да ти помогне. Да не бидам погрешно разбран, јас не сум заинтересиран. Ама има паметни помлади дечки што можат да ти помогнат. Оти вака не го личи“, пишува новинарот Бранко Героски на својот фејсбук профил.

 

И режисерот Владимир Милчин жестоко реагираше на изјавата на премиерот Заев.

 

„Господине Заев, знаете ли нација на глобусов која не присвојувала? Најголемите нации најмногу присвоиле. И територија, и историја. Она што не можеле да го асимилираат, го набркале или го истребиле. Ме вџашува леснотијата со која демонстрирате скудно познавање на историјата и ги навредувате Македонците, кои паметат или знаат колку и кои војски газеле овде и што оставиле зад себе“, напиша Милчин.

 

Поранешната претседателка на ДОМ, која е во коалиција со СДСМ, а сегашна пратеничка Лилјана Поповска вели дека е неприфатливо да се посипуваме со пепел како Македонци, ни криви, ни должни.

 

„Никогаш Македонците ниту присвојувале туѓи територии, ниту туѓа историја. Било обратно, зашто нашите соседи пред нас формирале свои држави и обезбедиле моќни сојузници. Се уште има живи сведоци за македонските голготи и неприфатливо е некогашните завојувачи да ни држат придики. Напротив, во духот на европските вредности за меѓусебно почитување и толеранција, треба да ја прифатат историјата каква што била и да им се извинат на Македонците за сето зло и болка што им го нанеле“, напиша Поповска на фејсбук.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien