ВИДЕО – Турската владина организација „ТИКА“ донираше санитетско возило на прилепската болница

Турската владина организација за соработка и координација „ТИКА“ денеска донираше санитетско возило на прилепската болница, опремено според сите највисоки европски стандарди. Болницата во моментов располага само со 3 санитетски возила, од кои 2 биле стари од 2005 година. Според директорот Драган Богоески со ова возило значително ќе се подобрела ситуацијата со транспортот на болните до клиниките во Скопје.

 

 

„Ова возило значително ќе ни помогни во решавањето на проблемот со транспортот на потешко болните пациенти, кои имаат потреба од понатамошно лекување на клиниките во Скопје. Располагаме со стар возен парк од санитетски возила, со кои во моментов не можеме адекватно да одговориме и обезбедиме адекватен транспорт на пациентите. Во просек имаме околу 30 до 40 транспорти месечно. Во моментов располагаме со 3 санитетски возила, од кои 2 се доста стари, од 2005 година, амортизирани и недоволно опремени. Едно од тие возила е позајмено од службата за итна медицинска помош од ЈЗО „Здравствен дом Прилеп“. Истите често остануваат во дефект и се неудобни за транспорт. Имаме едно ново санитетско возило марка „Цитроен“, добро опремено и набавено со сопствени средства во 2018 година. Со новото санитетско возило донација на ТИКА и владата на Турција значително ќе се подобри транспортот на тешко болните пациенти“, истакна Драган Богоески, директор на општа болница Прилеп.

 

Богоески истакна дека за нормално функционирање на болницата било потребно уште едно санитетско возило кое се планирало да се набави со донации од прилепските компании и го повика бизнис секторот од Прилеп да донира за ова возило. Градоначалникот Илија Јованоски пак најави дека освен ова возило со пари од Турција идната година ќе се реновирало и одделението за трансфузиологија при општата болница во Прилеп.

 

„Она што се договоривме со агенцијата „ТИКА“ и со амбасадорката на Република Турција го исполнија час поскоро и побрзо од што очекувавме. Сакам да кажам дека чувствувам должност према оваа моја здравствена организација, затоа што она што го направивме заедно сите ќе служи на нашите граѓани, на нашите пациенти, а посакувам што помалку да има потреба од тоа. Ова е само еден почеток за здравствената заштита и помош што ни ја нуди Република Турција, следниот чекор како што се договоривме ќе биде обновување и реконструкција на службата за трансфузиологија, која е во план за идната година“, рече Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

 

Амбасадорката на Турција во Македонија Тулин Еркал Кара потенцираше дека „ТИКА“ досега има реализирано над 1.000 проекти во Македонија и најави дека оваа соработка ќе продолжи и во иднина.

 

„Ни преставува големо задоволство што сум жител на држава како Република Турција, која што е јака, која што е значајна. Исто така ми претставува чест што „ТИКА“ е една турска организација и која што во Република Северна Македонија, од постоењето до денес, реализираше околу 1.000 проекти. Јас се надевам дека работите, активностите, проектите, ќе продолжат и во наредниот период, со соработка на јавните институции во оваа држава и значајните проекти ќе продолжат, бидејќи ние како Република Турција, односно преку државната организација „ТИКА“ реализираме тука многубројни проекти од сите можни области. Секако дека здравството е меѓу најзначајните области, но „ТИКА“ реализираше проекти и продолжува да реализира од образование, земјоделство, култура, инфраструктура и сите можни области“, изјави Тулин Еркал Кара, амбасадор на Турција во Македонија.

 

На примопредавањето на возилото присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.