Заев најави борба против лажните вести и дезинформациите

Владата работи на изработка на акциски план за справување со дезинформациите, рече премиерот Зоран Заев на денешната  прес-конференција. Како што предочи Заев, акцискиот план се презема како чекор против сајбер заканите и масовното ширење дезинформации.

 

„Дезинформациите се еден од главните предизвици на демократијата и алатка за манипулација на граѓаните. Злоупотребата на технологија стана сериозен упад во демократските процеси и сериозно се заканува да влијае на довербата на граѓаните во институциите. Република северна Македонија во изминатите две години се соочи со масовно ширење дезинформации, а дел беа споделени и од територии на други држави“, рече Заев.

 

Целта на изработката на акцискиот план, како што кажа е да се зајакне националната безбедност и сигурност, а за планот ќе се консултираат и со граѓанскиот сектор и со медиумите.

 

Тој информираше дека акцискиот план има две компоненти, безбедносни и проактивни мерки. Исто така, ќе се формира акциска група за борба против дезинформации која ќе анализира и ќе ги следи нападите. Групата ќе ја води министерот за отчетност, Роберт Поповски.

 

„Затоа Владата ќе формира акциска група за борба против дезинформациите и нападите на демократијата како и процес на Национална стратегија за креирање на Национална стратегија за медиумска писменост во чии рамки ќе бидат офатени институциите, медиумите и граѓанскиот сектор“, најави премиерот.

 

Проактивните мерки подразбираат – дополнителна транспарентност и зголемување на довербата на граѓаните во институциите.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien