Новинарот Љупчо Златев на распит во МВР за случајот со МНАВ и Рашковски

Новинарот Љупчо Златев утринава бил повикан на распит во МВР, поради објавените материјали на неговиот медиум, поврзани со скандалот во МНАВ и наводното местење на тендерот од страна на генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски.

 

„Наместо да ги гони оние кои прават криминал, полицијата ги гони тие кои го откриваат“, вели Златев.

 

На разговорот во МВР, од Златев било барано да потврди дали тој е автор на овие објави како и да го открие изворот на објавените информации и снимки. Тој потврдил дека е автор но одбил да даде информација за својот извор. Наместо тоа тој ги повика сите оние кои поседуваат какви било материјали во кои има индиции за криминал од власта или опозицијата, да му ги предадат, понудувајќи се за нивно објавување.

 

Според Златев, станува збор за целосно недемократски пристап од страна на власта и полицијата, бидејќи на распит повикуваат новинар поради објавена вест во која има сериозни индиции за криминал на државен функционер.

 

Случајот со особен интерес го следат и од ЗНМ, од каде истакнуваат дека Уставот го гарантира правото на заштита на изворот на информација во средствата за јавно информирање.

 

„ЗНМ потсетува дека Уставот на РСМ во членот 16 го гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање и ова право е загарантирано во Законот за медиуми како и во Европската повелба за заштита на човековите права. Истовремено, ретки се примерите во европските земји каде што за објавен текст кој индицира злоупотреби во системот, се повикуваат новинари да го кажат својот извор. Ваквата практика може да се толкува како притисок кон новинарите со што може да придонесе кон самоцензура“, велат од ЗНМ, нудејќи и бесплатна правна помош за Златев доколку е потребна.

 

Во меѓувреме од Обвинителство не кажуваат дали е отворена истрага за генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, но и за директорите на МНАВ кои ја договарале постапката за тендерот.

 

Инаку за скандалот со тајно објавениот разговор во кој генералниот секретар имаше и навредливи зворови се извини, рече дека не се мешал во тендерот, но не поднесе оставка. На негова страна се стави и премиерот Зоран Заев кој бараше милост од медиумите да не го критикуваат Рашковски.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.