Филипче : Преку систем на ротација на лекарите ќе се решава проблемот со недостиг на специјалисти ширум Македонија

Преку систем на ротација на лекарите ќе се решава проблемот со  недостиг на кадар и специјалисти во болниците ширум Македонија. Во собраниска процедура е измената на Законот за здравствена заштита, со кој што ќе се дозволи докторите да можат да прават систем на ротација во институции во кои што нема регистрирано дејност, што досега беше забрането.

 

 

„Со други зборови, доколку нема доктори од една специјалност во некоја болница или здравствен дом, заради што таа дејност не може да се извршува, досега доктори од таа специјалност од клиниките во Скопје или било која друга болница беше забрането да доаѓаат по системот на ротација. Сега тоа го дозволуваме, со цел експертите и специјалистите кои ги имаме од одредени специјалности може да доаѓаат од одредени градови, на тој начин правејќи ја услугата достапна до пациентите. Наместо пациентите да патуваат до поголемите центри и болници, или да доаѓаат во Скопје, сега експертите и специјалистите ќе доаѓаат во болниците. Очекуваме дека денеска Собранието ќе ја изгласа промената во овој дел од Законот за здравствена заштита“, додаде Филипче.

 

Филипче кој денеска присуствуваше во Прилеп на примопредавањето на донација на санитетско возило од турската организација ТИКА на општата болница во Прилеп истакна дека за 2 години во Прилеп биле вработени рекорден број на луѓе во јавното здравство.

 

„Во овој изминат период од две години примени се рекорден број на луѓе, пред се здравствени работници, над 30 на неопределено и уште 30-тина со договор на дело и сега сите тие влегуваат во нашиот план и програма за трансформација на работниот однос. Значи сите тие вработени со договор на дело ќе имаат трансформиран работен однос и ќе бидат вработени на неопределено. Понатаму, оваа е една од институциите во рамките на 45 до 50 здравствени установи кои ќе бидат целосно реновирани, во делот на коридорите, во делот на санитариите и во делот на осовременување на болничките соби, согласно највисоки европски стандарди, нешто што како процес започнуваме до крајот на оваа година. Во Здравствениот дом во Прилеп во тек е финализирање на акција на примање на сите невработени доктори и медицински сестри, со цел да се зајакнат патронажните сервиси“, додаде Филипче.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.