Бурни реакции по најавата на акцискиот план на Владата за борба против лажните вести

Акцискиот план на Владата против ширењето дезинформации содржи проблематични и недоречени мерки, се првичните реакции на медиумската заедница откако премиерот Заев вчера го презентираше предлогот пред јавноста.

 

Мерките на Владата од акцискиот план за борба против дезинформации, според медиумските организации и здруженија, се обид за цензура и ограничување на слободата на говор.

 

Платени едукативни кампањи во приватните медиуми, критериуми за акредитирање кои медиуми ќе имаат право да ги следат владините настани и корегулација на интернет порталите, се главните забелешки на кои реагира Здружението на новинари.

 

„Со загриженост ги проследивме дел од проактивните мерки. Особено оние кои имплицираат на платени кампањи во приватните медиуми, воведување на критериуми за акредитирање на медиуми кои ќе имаат право да ги следат владините настани и прес-конференции во согласност со стандардите на новинарската професија, како и формирање на акциска група за борба со дезинформации со проблематичен состав и улога. Недореченоста на овие предлог мерки може да се толкува како обид за ограничување на слободата на изразување, а со тоа да се нанесе штета на и така кревкиот медиумски сектор во нашата земја“, порачува директорот на ЗНМ, Драган Секуловски.

 

„Првичната оценка содржи точки поради кои изразуваме загриженост. Во насока на исклучување на сомнежи за злоупотреба на обврската на Владата да ја гарантира слободата на изразување, од исклучителна важност е процесот на консултации за овие теми да биде максимално инклузивен и транспарентен од самиот почеток. Освен тоа, Владата треба да знае дека дефинирање на професионални стандарди и оценката за тоа дали некој новинар или медиум е етичен, може да ги прави исклучиво новинарскиот еснаф и јавноста, а не владина институција или каква било работна група во рамки на Владата“, наведуваат од ЗНМ.

 

Токму отсуството на претставници од новинарската фела во Акциската група за борба против дезинформациите е една од главните забелешки. Дали нешто ќе биде оценето како лажна вест, предвидено е да определуваат разни владини претставници, кои ќе ја сочинуваат оваа група.

 

„Не е проблем да постои нивна внатрешна координација, но исклучувањето на професионалните здруженија, на медиумската заедница во овие процеси го сфаќаме како сериозна пречка во нормално и непречено функционирање на процесот на справување со лажните вести. Ако станува збор за внатрешна координација меѓу сите тие институции кои се споменуваат во телото, тоа е во ред, но листата треба да биде проширена со оние кои се најважни во играта – професионалните здруженија“, рече Марина Тунева, директорка на Совет за етика.

 

„Јас дури би рекла и дека сите овие актери треба активно да учествуваат во креирањето на предлог акцискиот план. Не само во неговото толкување и интерпретација. Улогата на медиумската заедница и граѓанскиот сектор е многу повеќе отколку само набљудувач на состојбите. Пристапот од врвот надолу ризикува да биде злоупотребен и да се претвори во цензура и оттука таа заедничка координација меѓу сите важни чинители во оваа сфера е од примарно значење“, вели Тунева.

 

Според акицискиот план, Владата планира да спроведува и внатрешна кампања за вработените во државната администрација за штетното влијание на лажните вести, ќе креира Национална стратегија за медиумска писменост, која ќе влезе и во образовните програми на Министерството за образование и наука и ќе соработува со организациите кои се занимаваат со проверка на фактите.

 

И додека Владата го презентираше планот, на распит во полиција беа повикани новинарите Горан Момировски и Љупчо Златев. АВМУ го осуди повикувањето на разговор на новинарите и најави дека за притисоците ќе ги информира дипломатскиот кор, ОБСЕ и Советот на Европа.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien