ВИДЕО – Иако младите од Крушево масовно се иселуваат, сепак дел од нив со голем ентузијазам се борат за својот град, кој полека станува атрактивна дестинација

Концерт, изложби, манифестации, Меѓународни денови на Власите, параглајдерски натпревари од светски калибар се само дел од богата програма на Крушево која се одвива викендов пред големиот празник Илинден кога се очекуваат посетители од цела Македонија и странство. Тогаш започнува и манифестацијата „10 дена Крушевска Република“ кога се предвидени голем број културни настани кои привлекуваат многу туристи.

 

 

„Ние сме активни во текот на целата година, правиме една туристичка дестинација во сите 4 сезони. Она што го правиме е навистина примамливо за сите оние кои ќе ни дојдат во наредниот период. Крушево е познато по својата историја, традиција и култура. И ја продаваме успешно сликата за Крушево досега“, истакна Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

 

Но и покрај зголемениот број на туристи и раздвиженоста во градот Крушевчани велат дека животот тука е тежок.

 

„Летово е убаво, после е катастрофа. Нема луѓе, нема млади, сите се иселуваат бидејќи нема работа“, кажа Даниела Тасеска, жител на Крушево.

 

„За да се задржат младите треба барем да се возобновата дел од стопанските капацитети кои постоеја тука“, рече Вецко Колевски, жител на Крушево.

 

За поголем развој на туризмот и преполни капацитети сметаат дека државата треба многу повеќе да се заангажира.

 

„Повеќе да се заангажира власта да го заживее ова прекрасно туристичко место, но не сум задоволен“, истакна Слободан Ѓорѓиев, жител на Крушево.

 

„Прво да се направат добри патишта, да не треба 2,5 часа од Скопје да се стигне тука. Потоа треба да се работи на пропагандата, на подобрување на инфраструктурата на самите места“, вели Јани Меле, жител на Крушево.

 

И покрај иселувањето и проблемите група млади ентузијасти од Младинскиот совет на Крушево се обидуваат да направат се што е можно тие и нивните врсници да останат тука. Еден од тие настани е и „Крушево будно“, музичка манифестација која веќе 4 години привлекува и посетители и надвор од Крушево.

 

„Имаме млади ентузијасти, млади луѓе кои што сакаат да го подобрат животот, па се надеваме дека ии во иднина нема да опадне нивниот ентузијазам и дека ќе продолжиме да правиме нешто за нашата заедница за да можеме да го доведеме нашето гратче каде што било претходно“, изјави Билјана Стојаноска, Локален младински совет на Крушево.

 

„Како млад човек јас иднината ја гледам тука, според мене треба сите да останеме тука и да се бориме до крај. Затоа што имаме преубав град“, потенцираше Сотираки Чакалар, Локален младински совет на Крушево.

 

Да се надеваме дека ентузијазмот и желбата за подобро и поубаво Крушево нема да престане кај овие млади и дека тие ќе бидат еден од предвесниците за стопирањето на миграцијата и враќањето на животот тука.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien