ВИДЕО – Музеите во Крушево – слика за недоволната грижа на државата кон нашето наследство и историја

Веќе 5 години по ред поради големата инертност на државата и бирократските процедури на функционирање на системот музејот на Илинденското востание во Крушево е затворен. Во 2013 и 2014 беа променети покривот и дограмата, a во 2015 година започна негова внатрешна реконструкција, која за жал и денес не е завршена. Директорот, Зоран Богески, признава дека доцни обновата, но вели дека се решиле горливи прашања за кои било потребно многу време.

 

 

„Сето тоа бара посебно време, посебна стручност, посебен пристап, посебно внимание, посебни техники кои секогаш неможе да се најдат во Македонија. Меѓутоа сега сме во завршна фаза. Отстранета е влагата, отстрането е прокиснувањето. Набавен е материјал од повеќе странски центри каде што е депонирана богата архива фондови и збирки“, кажа Зоран Богески, директор на музеј Крушево.

 

Се очекува музејот на Востанието да биде готов оваа година, но за жал ниту тоа не е сигурно.

 

Во крајно лоша состојба се наоѓа и споменикот музеј „Македониум“ каде почиваат останките на Никола Карев. Иако и тој се реновираше од 2016 до 2018 година, исто како ништо да не се направило. Дел од витражите останаа повторно искршени, постојано внатре тече вода кога врни. Сега на само неколку дена пред Илинден, Музејот во Крушево со бела боја ја покриваше зелената мувла по ѕидовите.

 

И надворешно Македониумот како воопшто да не е реконструиран, искршени бетонски столчиња, паднати плочки, испукани ѕидови се негов декор. Токму поради тоа Заводот и музеј Прилеп ја прекинал работата со фирмата изведувач. Веќе 1 година во тек се истражувачки работи, а со нова реконструкција ќе се започнело дури в година.

 

„Работеше фирма добиена на тендер, нестручна во секој поглед. Ниту беа стручни за решавање на проблемите на витражите, ниту стручни за керамичкиот дел, ниту стручни за архитектонскиот дел. Ние имаме одобрено средства за годинава и за истражувачките работи и за реализацијата, но нема да можеме да започнеме со реализација“, истакна Благоја Атанасоски, директор на Завод и Музеј Прилеп.

 

Ниту за „Македониумот“ не се знае кога ќе биде комплетно реконструиран. Овие два примери се вистински доказ за недоволната грижа на државата кон нашето наследство и недоволното почитување на нашата историја.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien