ВИДЕО – Коњаниците пристигнаа во Крушево, свечено пречекани од голем број граѓани

Над 80-тина коњаници од повеќе места на Македонија доцна попладнево традиционално пристигнаа во историско Крушево по повод претстојниот празник Илинден. Како и секоја година тие беа пречекани со леб и сол пред Столбот на Крушевската Република во центарот на градот од многубројните граѓани и туристите.

 

 

Потоа коњаниците се упатија на Гумење каде исто така имаше организиран пречек. Најбројна беше коњаницата од Горно Лисиче, Скопје. Меѓу нив беше и најмладиот учесник 17 годишната Марија Стамболиска.

 

„Прв пат ми е да учествувам во коњаницата, мојот татко учествуваше во 2012 година, ниие имаме семејна историја, мојот прадедо бил во четата на Христо Чернопеев и ова ни остана како некое наследство“, истакна Марија Стамболиска, член на коницата од Горно Лисиче.

 

„Ние сме 21 коњаник, патуваме 5 дена и чувството е неописливо кога ќе стигнеме тука“, кажа Александар Трајковски, член на коницата од Горно Лисиче.

 

„Ова е едно мало потсетување за оние кои не знаат, поготово за младите, да дознаат што било, како било проткаено со културен план. Мислам дека никогаш нема да заборавиме кои сме биле и што сме“, рече Цаца Перо, член на коницата од Горно Лисиче.

 

 

 

 

 

Доста коњаници имаше кои дојдоа и од Бигорскиот манастир и Кичево.

 

„Пред да се подигне Илинденското востание монасите од Бигорскиот манастир изработиле 2 црешови топчиња и по истиот пат кој го поминуваме ние дошле на Гумење каде се означило почетокот на востанието“, кажа Јован Мазароски, член на коњаницата „Патот на Црешовото топче – Бигорски манастир“.

 

„Сакаме да им оддадеме една достојна почит на сите оние кои ги дале животите и во Илинденската епопеја и во партизанските денови и на сите други настани, да им оддадеме почит на сите оние кои го дале својот живот за Македонија“, истакна Станоја Станојоски, член на коњаницата од Кичево.

 

 

 

Коњаниците на Гумење ги пречекаа и Униите на жени на ВМРО-ДПМНЕ од Крушево, Прилеп и Битола.

 

„Од Крушево им посакуваме добредојде на коњаницата и оваа година традиционално со Унијата на жени од Битола и Прилеп ги пречекуваме коњаниците на Гумење со домашна погача, вино и македонскиот тапан, песна и оро. Се надеваме дека ова ќе премине во традиција“, додаде ????

 

Пречекот на коњаниците е почеток на започнувањето на одбележувањето на Илинден.

 

„Нашата порака е достоинствено сите заедно како што заслужуваме, затоа што овој празник е на сите, да си го празнуваме сите заедно и достоинствено“, изјави Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

 

„Така што сега продолжуваме понатаму со богата програма која следи во наредните денови, која вклучува концерти, хорови, театарски претстави и друго“, рече Трајче Шеклески, секретар на „10 дена Крушевска република“.

 

 

Утре е отворањето на манифестацијата „10 дена Крушевска република“, а во петок главната свеченост на Мечкин Камен.

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien