ВИДЕО – Како се одбележа празникот Света Марина кај Македонците во Мала Преспа, Албанија

Манастирот посветен на старохристијанската маченица св. Марина или Света Марена како што уште ја нарекуваат жителите на Мала Преспа во Албанија е единствениот манастир во овој крај. Култот кон оваа светителка е доста голем помеѓу христијаните од овој регион , а 30 јули денот кога се одбележува светителката е огромен празник за нив.

 

Годинава во манастирот домаќини беа неколку семејства од Припеп кои не поканија за славата. Од Прилеп тука имаше неколку стотини посетители помеѓу кои и ние. Прво стигнавме во селото Туминец, првото село откако ќе се помине Макеоднско – Албанската граница.  До манастирот се стигнува единствено само со чамец. Со нас беше и еден од годинешните домаќини, Љупчо Јованоски, кој иако тука доаѓал 10-тина години за прв пат е домаќин за славата.

 

 

„Овде започнавме да доаѓаем пред едно 10-тина години и годинава за прв пат нашето друштво од Прилеп сме и домаќини на Света Марина. Сега одиме со кајче кон манастирот, а може да се оди и по патот кој се наоѓа покрај брегот. Ова нас многу не исполнува како Македонци. Започнавме да доаѓаме така што прво стапивме во контакт со наши луѓе тука и тие започнаа да не посетуваат во Прилеп и така се направи една соработка помеѓу нас. Како што можевме потоа помагавме за манастирот Света Марина. Постојано доаѓаме тука, неколку пати во текот на годината. Луѓето се чесни, со чисита душа и тоа најмногу не натера да доаѓаме тука и да помагаме“, истакна Љупчо Јованоски, домаќин за манастирската слава.

 

Некои од гостите доаѓаа за прв пат, а некои пак биле постојани гости. Имаше и Македонци од Грција.

 

„За прв пат доаѓам тука. Не покани нашиот колега како домаќин за славата и ова е едно интересно доживување и многу ми е убаво“, вели Златко Мирчески, посетител од Прилеп.

 

„Ние живееме во Грција, во Лерин и дојдов тука за Света Марена. Доаѓам секоја година и Господ ми дава, како што давам така и ми дава. Ова место е прекрасно, вакво место нема никаде. Го имаме најубавото место во цела Мала Преспа“, додаде Никола Нико, Македонец од Грција.

 

 

 

Полека со чамецот пристигнувавме кон манастирот.Манастирот се наоѓа на 50-тина метри од брегот. Кога ќе влезете во дворот ќе ве пречека мала црквичка изградена во 1926 година, и сосема нови конаци.Во црквата се служеше Божествена литургија.

 

Жителите на Туминец велат дека литургискиот живот во манастирот бил возобновен дури после 1991 година, до тогаш славата ја одбележувале тајно криејќи се од властите.

 

„Сега откако дојде демократијата од 1992 година многу луѓето тргнаа по верата. Порано ни беше забрането од режимот на Енвер Хоџа. Сега луѓето се слободни. Јас се сеќавам дека како уште мало дете ја славевме Света Марена, но скришно. Не се собираше народ како сега. Сега почна народот да доаѓа и да го слави празникот. Тука беше многу запустено, во долниот спрат на конаците се чуваше стока, а горе седеа неколку фамилии“, истакна Цветко Цветко, жител на Туминец.

 

„На првото собрание што се направи на друштвото Преспа, мислам дека беше 1991 година, станав на собранието и му се обратив на Владиката Петар кој беше поканет како делегат од Македонија. Му реков Дедо Владика имаме еден манастир дали може некако да го обновиме. Дојдовме тука, виде тој и рече дека ќе ја направиме црквата и конаците. Но и народот помагаше. Со магариња се носеше песок, немаше тогаш ниту пенти за чамците. Кога ја направивме славата првата година се собра многу народ и Владиката Петар рече, а добро е ова заслужува уште повеќе да се одделат средства. И даде тој пари, се од него е ова. Тој има голема заслуга за манастирот, но и за другите цркви тука. И во Свети Никола во селото Туминец и во Горна Горица, секаде“, вели Васил Митре, жител на Туминец.

 

„Ова е многу стар манастир, во овие конаци имаме живеено семејства од Туминец, Горна Горица, Коњско, Нивици и други села од Мала Преспа. Ова е единствен манастиир во Мала Преспа, има многу цркви, но манастиир единствен“, кажа Ефто Вурмо, жител на Туминец.

 

 

 

 

 

 

Домаќините беа пресреќни што ја имаат таа чест годинава да биодат кумови на славата на Света Марена.

 

„Ние сме дојдени од Прилеп како домаќини на Света Марена, сега моментално ја сечеме поскурата за да се радели на народот за здравје. Домаќини сме прв пат и чувството не се опишува. Се чекаат гости, има многу народ од многу места“, истакна Сузана Трајкоска, домаќин за манастирската слава од Прилеп.

 

„Мојот син доаѓаше тука со друштво и многу му се допадна. Тие постојано помагаат тука и рече дека годинава ќе бидеме домаќини, сите сме дојдени тука фамилијарно за здравје, бериќет и среќа“, рече Лиле Алексоска, домаќин за манастирската слава од Прилеп.

 

„Како што и претходно кажав како друштво ние тука учествувавме во обновата на манастирот со наши сопствени средства, но и со помош на други луѓе од Прилеп коии помогнаа ова свето да изгледа вака. Ии еве сакам да упатам еден апел до сите Македонци кои имаат добра намера и верба во Бога да го следат нашето дело и да помагаат што можат повеќе за ваквите места, особено тука во Мала Преспа“, истакна Љупчо Јованоски, домаќин за манастирската слава

 

За сите присутни домаќините подготвија традиционална јавнија.

 

„Ние готвиме сега јавнија со говедско месо, со компири и ѓувеч. Тука има подготвено јадење за околу 300 мина“, вели Томе Трајкоски, готвач и посетител од Прилеп.

 

Литургијата ја служеше Митрополитот Корчнаски Јоан.

 

„Ние денеска сме собрани во прочуениот манастир на Света Марина во подрачјето на Преспа, која е една голема светителка и многу почитувана во ова подрачје.  Целта на слевењето на овие места е да се одбележи денешниот ден, се собираат голем број верници. Се собираат да се видат еден со друг, да ја зачуваат традицијата, културата и се она што го прави посебно ова подрачје“, изјави Владика Јоан, Митрополит Корчански.

 

Помеѓу присутните беше и Преспанскиот херој, Васил Јанкула, со кого пред неколку недели направивме репортажа за неговото родно село Туминец.

 

„Прекрасно е чувството да се биде тука. Би сакал да ги повикам сите Македонци да дојдат и да видат за каква убавина станува збор. Не можам да ви опишам колку е убаво и интересно, тоа мора да се доживее“, потенциираше Васил Јанкула, „Преспанскиот херој“.

 

 

 

Собирот нормално заврши со општонародна веселба и песни за Македонија.

 

По завршувањето на славењето жителите на Туминец не вратија со чамците назад до селото, со надеж дека и идната година нашата екипа ќе ги посети за празникот Света Марена.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи