Целосно реконструиран кровот на детската градинка „Тризла“

За прв пат откако е изградена градинката „Тризла“ во населбата „Тризла 1“ целосно се реконструираше кровната конструкција.

 

Градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски истакна дека грижата за најмладите кои посетуваат дневен престој во детските градинки е врвен приоритет.

 

„Се наоѓаме пред детската градинка „Тризла“, тука во населбата „Тризла 1“, каде комплетно е реконструиран кровот на оваа детска градинка. Да напомнам дека од постоењето, 40 и нешто години откако е направена градинката, прв пат сега се реконструира кровот и тоа комплетно по највисоки стандарди. Од утре ќе се започне со целосна промена на дограмата во оваа детска градинка, ќе се постави нова ПВЦ дограма и во целост ќе се молериса градинката „Тризла“.Тука нема да запреме,  реконструкцијата на кровот е околу 1620 метри квадратни, а вредноста е околу 3.500.000 денари.“, рече Јованоски.

 

Градоначалникот Јованоски, потенцираше дека исто така голем приоритет е и промената на котелот за парното греење во детската градинка „Гоце Делчев“, како и тоа дека за локалната самоуправа и за него лично како градоначалник, секогаш приоритет ќе бидат младите и најмладите во детските градинки и училиштата, каде како и до сега редовно ќе се вршат реконструкции за подобрување на условите за престој и работа.

 

Директорот на ЈОУДГ „Наша иднина“ – Прилеп, Орце Тодоровски нагласи дека е во тек голема инвестициска активност во висина од 15.000.000 денари, со која ќе бидат опфатени сите детски градинки во Општина Прилеп.

 

„Моментално се наоѓаме во работната единица „Тризла“, каде се соочуваме со еден горлив проблем и каде постојано прокиснуваше кровот. Тој кров е заменет со нов огноотпорен и пластифициран лим. Во овој момент во детските градинки се вршат повеќе реконструкции,при крај е реконструкцијата на котелот во градинката „Гоце Делчев“, каде исто така е заменета дограмата. Во градинката „Бончејца“ денеска завршува промената на дограмата,  а утре започнуваме со поставување на нова дограма и во „Тризла“, изјави директорот Тодоровски.

 

Покрај сите овие градежни зафати,во градинките „Бончејца“ и „Гоце Делчев“ направени се и нови патеки со бехатон плочки, како и нови летниковци, со цел децата да изведуваат летна настава во овие топли временски периоди.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи