Топлотен бран со температури над 40 степени се најавува во наредните денови да ја зафати Македонија. Метеоролозите велат дека особено топло ќе биде од четврток до средината на наредната недела, кога ќе биде активирана жолта фаза за високи температури, а во некои региони и портокалова фаза.
Во тој контекст со препораки излезе Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) која во согласност со Законот за заштита и спасување презема мерки и активности за превентивно делување за заштита од можни шумски пожари и на отворено.
„До локалните самоуправи, до граѓаните и до туристите се апелира да се избегнува фрлање на цигари и на догорчиња, да не се фрлаат стаклени шишиња и стаклен оптад, да не се пали оган и скара на отворен простор и во шума, да не се дозволуваат детски игри со запалки, да не се пали отпад и друг горлив материјал, да не се палат стрништа и меѓи, а доколку се забележи пламен да се извести Територијалната противпожарна единица на бесплатниот телефонски број 193“, велат од ДЗС.
Дирекцијата потсетува дека од март е донесена забрана за движење во шума и шумско земјиште освен за вработените во ЈП национални шуми, а за зачувување на шумите, од 15 јули до 15 август, на територијата на целата земја, се спроведува Кампањата за заштита од пожари под мотото „Иднината им припаѓа на оние кои се подготвени – Природата е наша одговорност“.