Крушево кое некогаш било синоним за висока мода и следење на светските трендови, тоа продолжува да биде и денес. Можеби звучи неверојатно, но членките на организацијата на жени „Цвет“ од Крушево имаат изработувано облека за најпрестижните модни куќи во светот, од Америка, преку Франција па се до Италија. Нивните креации ги имаат носено манекенките на едни од најпознатите светски модни ревии, а дел од нив ги краселе и насловните страни на модните списанија. За странство изработувале исклучиво рачни изработка од везени работи, па се до плетени џемпери, капути, фустани, блузи, шалови, капи и друго. Претседателот здружението Спасиjка Тасеска е особено горда на работата на сите жени членки на „Цвет“ кои станаа познати во целиот свет.
„Ние за американскиот пазар, не само за европскиот, и за светскиот можам да кажам, бевме најуспешни. Нашите ракотворби се проширија низ цел свет, така да единствена невладина организација бевме ние кои учествувавме на светскиот саем во Њујорк. Не само тоа, имавме и 15 дена едукација за дизајн, за квалитет, за мода, како ќе се одвива, како ќе се вклопуваме во сите тие работи. И посебно доаѓаа дизајнери и работевме нивни дизајни. За Америка работевме везени работи, посебно јастучиња, потоа плетени брошеви и садевме цветови на јамболии. Тие ги пласиравме за најексклузивната робна куќа Клајн Рид во Америка. Потоа работевме за Франција, за изложбите во Франција. Таму исто ја добивме првата награда за јастучиња со цветови. Освен тоа, 5 години работевме за италијанскиот пазар, преку кој се пласираа производите за најексклузивните бутици, за Версаче, за Голден Гус и други атрактивни бутици, како и за јапонскиот и кинескиот пазар за кои одеа сите плетени работи од волна. Таму работевме исклучиво плетени работи, џакети, фустани, елеци, капути зимски долги со капуљача, мантили женски, многу видови на разни модели се изработија“, вели Спасијка Тасеска, претседател на здружението на жени „Цвет“ од Крушево.
Спасијка Тасеска, претседател на здружението на жени „Цвет“ од Крушево
Во моментов имале пауза од повеќе од 1 година како не работат за странство, но веќе биле во преговори со Холандија и други тур оператори. Очекуваат повторно да го обноват својот бизнис.
„Тур операторите ланската година доаѓаа, првата група што беше, беше од Австралија. Тие сакаа да ги обучиме месење на крушевска пита во староградска куќа, како и модели на народен вез со шеми, со конци, да ги научиме да почнат да работат. Јас искрено се изненадив од нивната работа. Нашите дизајнерки им покажаа како се работи, како се меси и сето тоа си го спакуваа, си го зедоа и баш тур операторот рече дека биле презадоволни и секаде каде оделе на гости им покажува што работеле во Македонија, во Крушево“, додаде Тасеска.
Членките на „Цвет“ се надеваат дека контактите со странските пазари ќе се воспостават час поскоро затоа што велат дека доста жени во Крушево пристојно заработувале со изработката на овие ракотворби.
„Сета работа што ја работевме за странскиот пазар беше исплатлива. Жените доста економски закрепнаа, бидејќи странскиот пазар навистина ги плаќаше нашите производи. Сега очекуваме една група од Унгарија, 50 луѓе се најавени да ги видат нашите изработки, можеби нешто и ќе продадеме. Во преговори сме со некои странски пазари и очекуваме тур операторите да дојдат и да ни понудат работа. Ние сме спремни во секој момент за работа, сакаме да работиме и сакаме да ги пласираме нашите производи кои се навистина квалитетни“, рече Сашка Преш, член на организацијата на жени „Цвет“.
Сашка Преш, член на организацијата на жени „Цвет“
Нивните креации се навистина уникатни, велат дека не гледаат по шема кога плетат и кога везат туку се водат од својата имагинација и искуство. Изработуваат секаков вид на облека, а исто така и плетен накит и други акцесоари.
„Јас не работам по шема, не знам, само по моја замисла. Изработувам се што е можно. Прво почнав од капите, најмногу се продаваа капи и шалови. Потоа почнав се гердани и грошеви бидејќи најмногу се бараа, како и перлините, шамивчињата што се за на оро, блузи, се што можам по моја замисла. Јас слушнав дека се плетат гердани и обетки и по моја замисла си продолжив со таа работа и така излегов успешна, што герданите и обетките мои најмногу се бараат. Можам да кажам дека и од дома ми бараат, бараат жените за родендени, шалчиња имам многу убави, летни, или ако сакаат да земат нешто друго за подарок“, вели Магде Петреска, член на организацијата на жени „Цвет“.
Магде Петреска, член на организацијата на жени „Цвет“
Уникатната ракотворба – плетени купачи
Имагинацијата на Магде Петреска оди до таму што ова лето најинтересни и најбарани и биле плетените купачи.
„Најмодерниот модел што го изработив се купачите. Замислив еден ден да сплетам едно рало купачи, да биде малку поинтересно. Само плетиме блузи, везиме, да пробам дали ќе биде нешто интересно. Направив едно рало купачи и едно рало продадов за Белград. Побарувачката беше голема, но не можам да ги работам повеќе“, истакна Петреска.
Блага Јуца, член на здружението, се потсетува како во минатото, кога биле млади ги изработувале овие модели.
„Уште од мали бабите, мајките, ќе правевме, везевме и така продолживме до крај, до стари години. Остаревме со чингелатот и со везењето. Сега за сега е заостаната малку, не сакаат младите, но се надеваме дека врти модата и пак ќе се врати. Инаку преполни сме со ќеизи, со плетени, везани модели, со многу работа, со многу труд, преубави работи имаме, но сега си седат во фиоките. Ќе си купат од Грција нешто мало, ќе си стават на масата и не сакаат. Какви англина имаме, гоблени дома, цела куќа е гоблени“, кажа Блага Јуца, член на организацијата на жени „Цвет“.
Блага Јуца, член на организацијата на жени „Цвет“
Но за жал младите многу малку биле заинтересирани за овие рачни изработки. Членките на „Цвет“ по малку се плашат дека овие начини на везење и плетење може да се заборават. Но сепак не се предаваат и се надеваат дека со едукации повторно ќе ги натераат младите да си ја засакаат традицијата.
„Ги вклопуваме и младите, но морам да кажам дека младите има дел што се интересираат, но другите не се заинтересирани за изработка на домашните ракотворби, така да мислам ќе продолжиме и со едукација. Сакаме веќе и да ја предадеме нашата работа, нашето искуство, сето она што сме го работеле, ќе им помагаме на младите и сметаме дека од Нова Година ќе избереме нов претседател, помлад претседател, а ние ќе бидеме зад нив“, додаде Спасијка Тасеска, претседател на здружението на жени „Цвет“ од Крушево.
Во моментов здружението на жени „Цвет“ има своја изложба на ракотворби во т.н. Влашка соба, која се наоѓа во склоп на новата зграда на крушевскиот пазар, каде сега и постојано ќе бидат сместени. Посетителиите нормално може и да си купат дел од ракотворбите или да си порачаат по желба.