ВИДЕО – Годинава домаќини физикална, в година инфективно – во прилепската болница одбележан празникот Свети Пантелејмон

И оваа 4-та година по ред докторите, медицинскиот персонал и другите вработени од прилепската болница „Борка Талески“, како и многубројните верници од целиот град го одбележаа денешниот христијански празник Св.Пантелејмон, заштитник на болните и лекарите, во црквата која го носи името на овој светител, а која се наоѓа во кругот на болницата. Интересно е да се спомене тоа дека секоја година тука домаќини се по едно одделение од болницата. Годинава кумови на храмовата слава беа персоналот од одделението за физикална терапија, кои за сите посетители обезбедуваат и мала закуска.

 

 

„Големо задоволство и чест ни е да бидеме годинава домаќини на овој празник Св. Пантелејмон Великомаченик. Кај нас во болницата традиција е секоја година да биде едно одделение домаќин, оваа година ни падна таа чест да бидеме ние, каде што со нашата подготовка за прием на луѓе од болницата или околината за одбележување на овој празник, да шириме меѓучовечност, можност за поголемо здравје, тоа е функцијата на нашата болница. Се надеваме дека ќе се продолжи оваа традиција, заради еден соживот, едно единство и почитување на луѓето меѓу себе, за одржување на квалитет на живот“, д-р Благоја Ѓорѓиоски, одделение за физикална терапија.

 

„Една интересна традиција која што е воведена уште од иницијативниот одбор за градба и претходниот директор, свештенството заедно со старешината, да на овој ден домаќини се јавуваат одделенијата во болницата, па така првата година беа аптеките, втората година беше рентген, минатата година беше хирургија, оваа година е физиотерапевтското одделение. Тоа е една прекрасна традиција, која е воведена во овој храм и е буквално како еден вид слава на прилепската градска болница“, вели Емилијан Зелнички, црква „Свето Благовештение“ Прилеп

 

Во црквата денеска се одржа Божествена литургија, по која се изврши режење на славскиот и мал водосвет. За идната година да бидат домаќини се пријавија вработените од инфективното одделение.

 

„На големиот христијански празник Св. Пантелејмон, традиција е во Општа болница Борка Талески Прилеп, да се продолжи традицијата и да бидеме домаќини за наредната година. Во чест на празникот им посакувам на сите вработени во Општна болница Прилеп, исто и на сите граѓани на општина Прилеп, мир, благосостојба и се најдобро, добро здравје пред се“, истакна д-р Весна Дамеска, инфективно одделение Прилеп.

 

 

 

 

 

Црквата е изградена и осветена во 2016 година и од тогаш е посетувана од голем број верници, не само оние што доаѓаат во болницата туку и од околните населби. Вработениот во црквата Стеванче Мојсоски вели дека цркавата е отворена секој ден од понеделник до петок до 14 часот.

 

„Посетена е како од месното население, така и од вработените во болницата, пациентите. Исто така има и пациенти кои идат од околните градови, Крушево, Битола, Ресен, Велес, Кавадарци итн. Ова црквиче е многу добро за ова население овде, за оние лица кои се многу постари, кои не можат да патуваат повеќе километри до поголемите цркви, овде се најде на ова население“, рече Стеванче Мојсоски, вработен во црквата.

 

Дел од граѓаните и верниците кои денеска беа присутни на одбележувањето на празникот специјално дошле тука од другите делови на градот да ја видат црквата, а дел пак се чести посетители.

 

 

 

„Многу убаво, и кај нас онаму каде што седиме, многу убаво, немам зборови. Немав влезено, сега влегов и го видов, сум поминувала но немав влезено. Дојдов само за да го видам внатре, специјално“, вели една посетителка.

 

„Блиску ни е овде, фала Бога што ја направија овде, не можеме подалеку. Така овде, и за живи и за мртви ќе запалиме свеќа за здравје за сите. Редовно идеме, и навечер поседуваме, преубаво“, кажа друга посетителка.

 

„Многу сум блиску, секој ден скоро доаѓам, си поседуваме навечер, наутро свеќа си палиме, од ова мало скоро сите идеме и се собираме. Напомош нека е денот, за здравје палиме свеќи, оставаме пари, се“, додаде друга верничка.

 

Инаку во православната црква името Пантелејмон значи „семилостив“. Според преданието на цркавтаљ тој иизлекувал голем број болни додека бил жив, и токму затоа денес се слави како заштитник на болните и лекарите.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи