Пендаровски: Нема правна држава ако не се гонат и криминалците од власта

Facebook
Twitter
Email
Print

Претседателот на државата Стево Пендаровски денес побара да се интензивира истрагата за случајот „Рекет“. Тој рече дека аудио и видео снимките кои се споделуваат на медиумите изминативе денови предизвикуваат длабоко разочарување кај сите граѓани, а особено кај оние кои со години и по цена на постојани притисоци и закани од поранешната власт протестираа секојдневно барајќи правда.

 

„Како што верував во СЈО порано, денес уште повеќе верувам во потребата за институција која ќе се бори против високата корупција. Евентуална индивидуална одговорност на еден обвинител не смее да ги доведе до прашање СЈО и доказите изведени во законска процедура. Нема правна држава ако власта ги гони само криминалците само од претходната власт, а не и криминалците во своите редови“, рече Пендаровски.

 

Според него, мора да има одговорност за сите за кои ќе се докаже вина, без разлика, како што вели, на нивната партиска или политичка припадност.

 

„Освен кривично-правната одговорност, доколку има друга, било каква поврзаност со случајот, во смисла на давање на заштита на лицата под истрага, инсистирам и на политичка одговорност на политичарите, независно дали се од власта или од опозицијата. Во овој контекст е најдобро, сите оние чии имиња се споменати, независно дали со основ или намерно, само со цел да бидат дискредитирани, самоиницијативно да дадат изјави пред надлежниот обвинител со цел да покажат дека пред законот и пред јавноста сме сите исти“, рече Пендаровски.

 

Според претседателот, битна е содржината на снимките, што се кажува во разговорите, но исто така и дали истите се вистинити или не, а помалку битно кој ги набавил и како ги дистрибуирал.

 

Пендаровски е исто така разочаран од надлежните органи поради бавното расчистување со случајот и тајмингот за одмор на обвинителите.

 

„Јас, јавно, уште на самите почетоци на аферата „Рекет” го кажав својот став дека сум разочаран од тоа што го слушнав и повикав на брза и темелна истрага. Наместо тоа, надлежните отидоа на годишен одмор како да се работи за редовна состојба и за рутински предмет, а, не е така“, рече Пендаровски.

 

Претседателот Пендаровски истакна дека ваквите афери мора брзо да се расчистуваат, со цел да не оставиме ниту најмал сомнеж, ниту кај една единствена земја членка на ЕУ дека ние не сме подготвени да расчистиме и вакви случаи, со цел да нема никакви препреки за нашите евроинтеграции.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи