ВИДЕО – Нови истражувања кај Врбјанска Чука – најголемата откриена градба од неолитот во Македонија

Веќе 4-та година по ред продолжуваат интензивните ископувања на локалитетот Врбјанска Чука кај Прилеп каде е откриена најголемата градба од неолитот во Македонија, која се претпоставува дека е стара над 8.000 години. Станува збор за дел од неолитска населба каде живееле неколку стотини луѓе. Ова е едно и од првите места на европскиот континент каде за прв пат започнува да се одгледува жито.

 

 

„И во неа констатиравме голем број на стопански структури, разни печки, потоа платформи, некакви видови на сандаци каде чувало житото, простор каде се обработувало житото, голем број на мелници, над 30-тина мелниции се пронајдени“, истакна д-р Гоце Наумов, Центар за истражување на праисторијата и Музеј на Македонија.

 

Минатогодишните откритија се покриени со најлон и ќе бидат откриени кон крајот на истражувањето. На овој локалитет во 80-тите годиини е откриен жртвеник стар над 8.000 години и кој пак е најстар ваков артефакт пронајден на Балканот. Сега се чува во Музејот во Прилеп.

 

„Ја користам можноста сите граѓани да ја видат нашата археолошка поставка, да можат да го погледнат едно од најуникатните откритија не само на Балканот туку и во Европа“, кажа Александар Миткоски, археолог кустос-советник во Завод и Музеј Прилеп.

 

Но за жал иако е еден од поимпозантните праисториски локалитети во Европа тој воопшто соодветно не е обележан, ниту пак некој знае за него. Доколку истиот не се конзервира и туристички прикаже залуден ќе биде целиот овој труд.

 

„Едно од крајните цели на ова истражување е всушност сето ова што се открива убаво да се конзервира и потоа да го заштитиме и на некој начин ова да го претвориме посетувачки центар“, вели Наумов.

 

За поголема популаризација на локалитетот кон крајот на август планирано е тука да се одржи и концерт.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien