ВИДЕО – Здружението „Мајка Традиција“ од Прилеп вистински чувари на фоклорот, традицијата и нашето културно наследство

Здружението „Мајка Традиција“ од Прилеп се вистински чувари на фоклорот, традицијата и нашето културно наследство. Ова Здружение брои 40-тина членки кои скоро секојдневно се дружат и разменуваат искуства по многу работи. Без исклучок еднаш неделно се собираат и во нивната просторија, која ја нарекуваат „Етно соба“, каде кога ќе влезете се чувствувате како да сте се вратиле во минатото. Ќе ве пречекаат голем број народни носии обесени по ѕидовите, килими, везени и плетени работи како и голем број други стари предмети. Нашата екипа се одлучи на помине со нив една како што тие ја нарекуваат седенка со закуска од традиционални прилепски рецепти.

 

„Членките од организацијата на жени „Мајка традиција“ се здружени 13 години. Во оваа етно соба се одржуваат седенки секоја недела, секоја среда сме овде. Дали сме на состанок, дали сме на седенка со закуска, дали славиме роденден, дали на некоја жена и се родило внуче, на некоја и се оженило машкото, па добила снаа, или ако и се омажило девојчето па добила зет, овде се си раскажуваме и си се гордееме. И за децата можеме да си кажеме и за нашата работа, нашето плетало, нашето минато, сегашност, за во иднина си кажуваме како мислиме, планираме…. Ова е нашето катче. Инаку ова е една и единствената ваква Етно соба во Прилеп на „Мајка традиција“.

 

Перничиња, плетеници, везеници, носии, што ги гледате, сето ова е од рацете на нашите членки, дали од нив, дали од нивните мајки, сестри, братучеди… Ова е собрано купче на едно место од нашата традиција, не само од Прилеп и од околината. Јас сум инаку мариовка, татко ми од Полчиште, мајка ми од Витолиште, најпресно сега бевме таму како здружение да си го претставиме нашето незаборавено Мариово.

 

Овде имаме 40 народни носии и да ви кажам, ние сме тие каде и да седнеме, кај и да застаниме, во полето, ливадата, каде што бевме на мостот, ние ќе се развеселиме, ќе си направиме ручек, ќе се најадиме, напиеме и секогаш весели ќе си одиме.

 

Покрај седенката, покрај ужинката, денеска ни е малку и работно, организираме една голема „Килимијада“ во Прилеп. Тоа е претставувањето на етно собата на Прилеп во центарот на градот, со своите килими, везеници, плетеници, англина, ресилина и друго. Сакам, не само членките од организацијата да учествуваат, сакам да учествуваат и жени од Прилеп, домаќинки, кои чуваат, негуваат некој прекрасен нивни чаршав везен со својата рака или килим ткаен или некое ресиле, некое англе, нешто нивно творено, да си го донесат на 28-ми, на Богородица, во 17 часот пред Саат кулата“,истакна Љубица Петреска, претседател на здружение „Мајка Традиција“.

 

 

 

 

На масата имаше поставено навистина превкусни домашни јадења, зелници, пити, познатото мариовско биено сирење, толчени пиперки, благо, овошни салати и многу друго. Дел од овие специјалитети пробавме и ние. Велат дека секоја нивна седенка во среда обавезно поминува со вкусна закуска.

 

„Правиме толчени пиперки прилепски, домати, салата овошна, слатки, сирење биено прилепско, најубавото што го имаме, колачиња, слатки. Си се занимаваме, правиме седенки, готвиме јадења, јас лично готвев чкето, динстано, па тави, па супи, зелници сучеа жените, со тоа се занимаваме и времето прекрасно ни врви, преубаво. По нешто носиме, кој што можи на секоја седенка. Значи не е нешто што мора, но си носиме и ако речат дека одиме некаде, одиме по манастири, по градови, шетаме, секаде одиме, па таму јадеме. Сме биле во Струмица, сме биле со најубави јадења, сите жени носиме, кој зелници, кој кори, кој солени работи, кој од месо, секаде одиме. Секаде одиме, неколку пати со Алачки сме биле, сме биле во Радовиш, Струмица во етно село, сега бевме во Јоаким Осоговски.

 

Најпознато прилепско јадење ни е јавнија, ние така ја викаме, по скопски се вика компир манџа. Правиме исто тави, турлитави, сарми мали за Св. Никола кога ни е славата на градот, правиме илјадници сарми, сите овие жени и уште многу други, 50 жени правиме безброј сарми за цел град. Ширдени, тави, полнети пиперки, нема во Прилеп што не знаеме, се знаеме, само вие посакајте и имајте желба, ние сме на располагање, одма готвиме и правиме. Сите што се од Прилеп знаат, имаме одлична дружба“, истакна Блага Станкоска, членка на здружението „Мајка Традиција“.

 

 

 

 

А дружба и седенка освен со вкусно јадење, не ја бидува и без стара македонска песна. Токму една таква имавме чест да ни запее 92 годишната Добрила Ивановска Ќабриќ од Дојран, која беше на гости во здружението „Мајка Традиција“, а која пак лани беше победник на шоуто „Никогаш не е доцна“.

 

„Како што реков, пресреќна сум и се чувствувам богато, затоа што толку прекрасни луѓе се околу мене. Прв пат се наоѓам во ваква средина, сите жени, сите пријатни, мили, вредни, домаќинки, ме трогнавте со вашите прекрасни златни раце. Благице, јас благодарејќи на тебе, ова е втор пат јас да дојдам во Прилеп, се надевам дека не е последен. Ти ме одушеви со твојата промоција кога бев гостин, со твојата книга „Трепет во душата“ и не можев да одолеам, морав да ја прочитам твојата песна, која сега ја најдов пак тука, „Погледни ме“. Генијална е, стварно јас многу ги сакам надарените поети и поетеси, многу имам поезии од цела Македонија пишуваат, и за мене има толку многу напишано, „Во мало тело, голем дух“ од Јован Нацковски, тој исто така напишал, се надевам и ти ќе напишеш песна за мене. Јас сега пишувам книга и многу сум среќна што ќе одвојам еден добар расказ за дружење со вас“, рече Добрила Ивановска Ќабриќ, гостинка на здружението од Дојран.

 

Велат дека овие средби ги враќаат и ги потсетуваат на младите години, за кои иако толку многу копнеат да се вратат, сепак овие дружби го компензираат тоа што недостасува.

 

„Ни недостасуваат младите години, но затоа си правиме еве вака некои седенки, ќе си го разубавиме денот, ќе се договориме, ќе се организираме, за било што. Сега треба да завршиме и одиме во градска библиотека на некој манифестација, промоција на книга, потоа следува концерт на Октетот Прилеп и значи цел ден нас ни е ангажиран со некои убави работи. А денеска уште повеќе ни го разубави денот нашата Добрила“, кажа Благица Бунтеска, членка на здружението „Мајка Традиција“.

 

 

Понекогаш паѓаат и посериозни дебати, колку и дали младите се заинтересирани за продолжување на фолклорот и традицијата и дали некогаш ова што овие жени го имаат и го поседуваат како наследство би можело целосно да исчезне поради неангажираноста на нивните ќерки и внуци.

 

„Еве вака си потплетуваме некогаш, оти ни е заборавено плеталото од некогаш. Нашите мајки ќе станеа во 2 часот, ќе ткаат, ќе плетат, чорапи, фермеле, сега младите сакаат подруго. И ние заборавивме, ништо не плетиме. Нашата работа не е ценета, сега се е готово купено. Овие што се почнати да ги доплетиме и тоа е. Не се плети сега како некогаш, а си велам дека ќе се врати, можеби не волнено, но везало ќе се врати“, додава Драгица Петреска, членка на здружението „Мајка Традиција“.

 

Ги оставивме членките на „Мајка Традиција“ да продолжат со нивната дружба со ветување дека ќе ги сниимиме на нивниот голем настан Килимијада која ќе ја орханизираат во центарот на Прилеп на 28 август на големииот христијанскии празник Успение на Пресвета Богородица.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи