Додека сите држави се борат максимално да ги искористат природните убавини кои ги имаат со цел привлекување на што е можно поголем број на туристи, како странски, така и домашни, се чини ние претставуваме исклучок во таа слика.
Патеката која води до Пешна, пештерата со најголем отвор на Балканот, чија големина изнесува 40 метри во висина, 56 метри во ширина и 124 метри во должина е потполно заборавена од страна на локалните власти. Буквално изгледа како сцена од апокалиптичен филм, целата обрасната со трева и трње, искршени клупи кои исто така се обраснати и неупотребливи. Корпите за отпадоци до кои вегетацијата овозможува пристап се преполни и неисчистени подолг период.
Инаку оваа пештера го добила името по сестрата на Крале Марко – Пешна, за која многу голем дел од нас и не слушнале. Според легендата која и ден денес се раскажува, уште во 14-тиот век опеаниот македонски јунак Крали Марко и изградил куќа на својата сестра Пешна на самиот почеток од пештерата, која подоцна почнала да се нарекува Пешна. Куќата со своите огромни и дебели камени ѕидови наликува на мала тврдина. Благодарение на дебелите каменити ѕидови денес дел од тврдината е останат и може да се види.
Интересно за оваа пештера е што во пролет, кога се топат снеговите од високите планини во тој предел, на влезот од пештерата ќе ве пречека жубор на мала река која извира од малото езеро кое се наоѓа на крајот од пештерата, потоа ќе ве пречекаат ѕидините на куќата на Пешна, а веднаш зад неа огромна пештера која ќе ви го одземе здивот. Горниот дел од пештерата кој е висок триесетина метри, не се карактеризира со многу сталактити, но затоа ќе наидете на прекрасни форми направени од самата карпа кои дефинитивно ќе ви го задржат погледот.
Oва ремек дело на природата со својата величествената големина, својата грандиозност и својата убавина ќе ве остави без здив. За убавината на пештерата зборува и тоа што „Њујорк тајмс“ ја споредил со „Helms Deep“ од филмот „Господарот на прстените“.
И додека секоја друга држава вакво богатство би го искористила на најдобар можен начин, ние се чини успеваме и тоа што го имаме да го оставиме на забот на времето.