Тутунски комбинат Прилеп очекува да ја заврши годината со добивка

Тутунски комбинат АД Прилеп по 20 проблематични години, последниве пет години успеа да го стабилизира своето работење и интензивно да се трансформира во ефикасна и модерна фабрика за производство на цигари и тутун во земјата. Според досегашните остварени резултати и проекции Комбинатот очекува дека на крајот на оваа година да покаже добивка, прв пат по 20 години, информираат од оваа компанија.

 

Според генералниот директор на Комбинатот, Кирил Станкоски, компанијата ланската година ја заврши со загуба, но само поради мерката за доброволно заминување на работниците кои добија отпремнини.

 

„Минатата година ја завршивме со загуба од околу три милиони евра, но тоа се должи исклучиво на реализацијата на програмата за подобрување на продуктивноста преку мерката за доброволно заминување на вработените од ТКП, во која се пријавија 222 вработени на кои им беа исплатени отпремнини во вкупен износ од четири милиони евра. Тоа значи, како што е нотирано и во ревизорскиот извештај, дека без оваа акција, компанијата би остварила добивка од 50 милиони денари“, смета Станкоски.

 

По рационализацијата и решавањето на проблемот со превработеноста, Тутунскиот комбинат направил нова систематизација на работните места, со што се зголемиле платите на вработените за 10 до 15 насто, намногу во клучните сектори – погонот Тутун и погонот Цигари.

 

Во меѓувреме, Комбинатот ги намалил непродуктивните расходи, ја зголемил енергетската ефикасност во производството, ја подобрил состојбата во градежните објекти, набавил нова опрема неопходна за нормално одвивање на производниот процес и се ослободил од непотребните залихи, со што драстично се подобрила продуктивноста на компанијата.

 

За Станкоски е важно што во шестмесечниот извештај доставен до Македонската берза, прикажаната загуба за првата половина од годинава е помала за 80 проценти, споредено со истиот период од 2018 година, но и дека многу е важно и стратегискоото партнерство со „Филип Морис”.

 

„Во секој случај, ова не може да биде релевантен показател за работењето на Комбинатот во текот на целата 2019 година. Имено, поголемиот дел од приходите кои ги добиваме се остваруваат во втората половина од годината кои според сите проекции, ќе бидат повисоки од трошоците заради што очекуваме дека ТКП ќе ја заврши 2019 година за прв пат со добивка која очекуваме да биде значајна. Остварените резултати на ТКП секако се должат на стратешкото партнерство остварено со тутунскиот гигант „Филип Морис Интернешнел” и формирањето на заедничка компанија „Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп” (ФМТКП), што придонесе ТКП полека, но сигурно да се враќа на некогашните позиции како компанија која има значителен позитивен придонес во македонската економија“, смета Станкоски.

 

Како што соопштуваат од Прилепскиот Тутунски Комбинат, стратешкото партнерство со Филип Морис, меѓу другото, овозможила подобрување на инфраструктурата, инсталирање нови машини за производство на цигари, зголемување на продуктивноста и ефикасноста во работењето, согласно највисоките стандарди за квалитет според критериумите на глобалниот гигант во производството на цигари, како и стабилен откуп на тутун од тутунопроизводителите и навремена исплата на договорените количества.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи