ООУ „Кочо Рацин“ воведе продолжен дневен престој за учениците

ООУ „Кочо Рацин“ го стави во употреба продолжениот дневен престој во училиштето, чиј сместувачки капацитет е доволен за триесетина ученици.

 

Директоркатана ООУ „Кочо Рацин“, ЗораЧадамова вели дека продолжениот дневен престој ќе биде од корист на родителите на учениците, кои заради извршување на работните обврски имаат проблем со згрижување на децата во периодот кога тие не се на училиште.

 

„Ставањето во функција на продолжениот дневен престој е на барање на родителите, а нас како централно градско училиште. Покрај продолжениот дневен престој, во нашето училиште во тек е реконструкција на целиот трет кат со средства од локалната самоуправа, на фискултурната училница и на повеќето училници каде имавме потреба за реконструкција. Исто така, работевме на спуштање на таваните, бојадисување на ѕидовите, промена на подовите, се’ со цел за поголема енергетска ефикасност, за чисто училиште во кои децата ќе ја следат наставата“, посочи Чадамова.

 

Градоначалникот Јованоски, кој присуствуваше на отворањето на дневниот престој, напомена дека целта е да им помогне на родителите да ги згрижат своите деца, во моментите кога се наоѓаат на своите работни места.

 

„Дневниот престој ќе работи од 8-16 часот, што значи дека ќе можат да го користат учениците од двете смени. Ние како локална самоуправа се грижиме и за децата во основните и во средните училишта, издвојуваме средства за уредување на инфраструктурата, за реновирање на училниците и тоалетите, за набавка на нагледни средства и се’ друго што е потребно за воспитно-образовниот процес. Освен за отворање на продолжениот престој, оваа година издвоивме околу 3 милиони денари за реконструкција на подовите и плафоните во неколку училници, за спортската салаи со исто темпо ќе продолжиме и во другите училишта“, истакна градоначалникот Јованоски.

 

Истовремено, за полесно и поефикасно реализирање на наставата, училиштето набавува и современи нагледни средства – смарт табли, телевизори и проектори.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.