„Глембаеви“ во „Војдан Чернодрински“

Во Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ се интензивираат пробите на новата претстава „Глембаеви“ од Мирослав Крлежа, во режија на хрватскиот режисер Бранко Брезовац.

 

Според режисерот Брезовац, ова е најдобриот драмски текст на Крлежа, во кој се говори за пропаѓањето на една моќна капиталистичка фамилија, за начинот како настанало нејзиното богатство и како се распаднала.

 

„Глембаеви ги гледам од поширока општествена ситуација, бидејќи сите на овие простори сме Глембаеви, сите се обидуваат да бидат магнати, индустријалци, тајкуни, да зарaботат „лесни“ пари, без морал, со малверзации. Глембаеви се многу актуелни, бидејќи такви ги има на сите страни. Eдна од причините за поставувањето на текстот на сцената е современоста на претставата. Второ, текстот е многу длабок, сериозен. Третата состојба е мојата желба да ги поставиме тие психолошки состојби на друг начин. Сепак, најважно е што има некоја поврзаност меѓу мене и театарот, откако ја работевме „Антица““, вели Брезовац.

 

Премиерата на „Глембаеви“ се најавува кон крајот на септември. Веднаш потоа со петмина хрватски актери се работи заедничката претстава „Глембаеви и уште една легенда“, што премиерно ќе биде прикажана во почетокот на октомври.

 

„Ќе бидат две различни визуелни претстави. Заедничката претстава ќе има необичен спој, ќе биде интересно за гледање. Со таа претстава, кон крајот на ноември можно е гостување во Хрватска“, вели режисерот Брезовац.

 

Во претставата играат: Даниела Иваноска, Зоран Иваноски, Андон Јованоски, Димитар Црцороски, Ангела Наумоска, Игор Трпчески, Трајче Иваноски и Исидор Јованоски. Автор на музиката е Никола Мицевски, кој првпат работи во театар, сценографијата е на Ивана Кнез од Загреб, а костимограф е Сузана Брезовац.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.