Косово ја укина забраната за увоз на мед и компир од земјава

Министерот за економија, Крешник Бектеши соопшти дека Косово ја укина забраната за увоз на мед и компир од Северна Македонија, а нашата земја, пак, ја стави Косово на листата од каде ќе биде дозволен увоз на икра и подмладок од риба.

 

„Пред неколку часа од косовска страна бевме информирани дека е укината бариерата за извоз на мед и компир од нашата земја“, рече Бектеши на прес-конференција во Владата, и додаде дека и натаму се продлабочува соработката на земјава со Косово.

 

Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Северна Македонија извршила увид на терен и утврди дека се исполнети сите обврски од косовската страна, во согласност со законската регулатива Министерството за економија денеска донесе одлука Република Косово повторно да биде ставена на листата на земји од кои е дозволен увоз на икра и подмладок.

 

„Иако со задоцнување од една недела Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово ја достави програмата за спроведување активен и пасивен мониторинг за икри и подмладок на риби и во согласност со тоа Агенцијата за храна и ветеринарство на Северна Македонија повторно ги стави на листата на држави што може да увезуваат икри и подмладок од Северна Македонија, а со тоа и Косово ја укина забраната за увоз на компир и мед од нашата земја. Со тоа целосно се отстрануваат пречките што настанаа од двете страни“, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши.

 

Мерката за забрана на увоз на икри и подмладок не беше преземена само за Република Косово, туку и за сите земји што не спроведуваат активен и пасивен мониторинг во врска со рибните производи.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.