Јанева од притвор дава наредби: Сите предмети СЈО да ги предаде на ОЈО

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева вчера ги затекна колегите од СЈО, кога им испрати писмо со кое ги овластува да ги предадат сите тековни предмети, истраги и предистраги на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески. Неофицијално, предметите ќе бидат прифатени од Јовески, со што ќе се стави клуч на СЈО.

 

Специјалната обвинителка Катица Јанева во полномошното за предавање на предметите што го  испратила до СЈО дала рок од три дена во кој предметите кои ги води сега специјалното обвинителство ќе треба да се предадат на јавното обвинителство. Примпредавањето ќе треба да се направи со записник за примопредавање, најдоцна до сабота. Како и кога ќе биде тоа направено засега нема информација, ниту од СЈО, ниту од ОЈО.

 

Дел од обвинителите во СЈО се противат своите предмети кои тие ги застапуваат и ги водат да ги предадат не ОЈО, се додека за тоа не добијат наредба од републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески. Според обвинителката Фатиме Фетаи не е важно кој ќе ги застапува предметите, дали СЈО или Јавното обвинителство, според неа важно е криминалците да одговараат за сторените дела.

 

Што ќе биде со СЈО откако ќе ги предаде предметите останува да се договорат политичките партии во рамките на преговорите за предлог-законот за јанво обвинителство. Како што велат извори од преговарачките тимови тие договараат тоа што можат, но главната разлика што ќе биде со предметите кои се отворани по истек на рокот од 18 месеци останува да ја договорат лидерите. Вчера имаше информација дека е можна лидерската средба на Зоран Заев и Христијан Мицковски, но сепак таа не се случи.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.