Пациент претепал доктор во Тетово пред очите на полициски службеници

Пациент претепал доктор од тетовската болница до бесознание пред полиција, при што докторот се здобил со тешки повреди и итно е префрлен во Клиничкиот центар во Скопје.

 

Утринското добро утро од пациентот кон докторот од кожниот оддел во тетовската болница завршил со тупаници и удари по лицето и главата на докторот. Но тука не завршиле проблемите за докторот, бидејќи откако повикал полиција, нервозниот пациент се вратил и пред очите на полициските службеници повторно го нападнал и тешко го повредил, а докторот паднал во бесознание.

 

Докторот со скршеници по лицето и главата итно бил пренесен во ургентниот центар, од каде велат дека тој е во стабилна состојба и во шок, но повредите се големи и сериозни.

 

„Некогаш од нетрпение спрема белиот мантил се случуваат некои работи кои не треба да се случат. Пациентот прво го истепал докторот оти не бил во болницата кога барал од него потпис, а тој всушност бил на состанок со директорот. Пациентот заминал, во меѓувреме дошла полиција и за некои петнаесетина минути пак се вратил и во присуство на полицајци го дотепал докторот, кој добил сериозни повреди. Значи ни крив ни должен бил нападнат“, изјави Невзат Елези претседател на Здружение на лекари Албанци во Македонија.

 

Од МВР информираат дека напаѓачот е веќе приведен и задржан во полициската станица Тетово,  а од таму најавуваат целосно расчистување со случајот.

 

„Пријавено е дека на Кожното одделение во тетовската клиничка болница физички бил нападнат лекарот А.Е.(45) од Тетово. Тој бил нападнал од пациентот А.Б.( 43 ) од Голема Речица, кој набрзо е приведен и задржан во полициската станица Тетово за целосно расчистување на случајот“, соопшти полицијата.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.