ВИДЕО – Островот Голем Град – недопрениот бисер на Преспа

Островот Голем Град или „Змискиот остров“ како што уште го нарекуваат е неоткриениот бисер на Преспа. Место кое што плени со својата мистика и величенственост. Ова е единствениот остров на територијата на Македонија.

 

 

Островот Голем Град се простира на површина од 20 хектари и се наоѓа на околу 2 км од брегот на езерото односно од т.н. Пречна планина, дел од планината Галичица. Има елипсовидна форма со должина 750 метри, а широк е 450 метри, со највисок дел од 50 метри над езерото. Од сите страни тој е заобиколен со карпи високи од 20 до 30 метри.

 

Екипата на Инфо Компас своето патешествие до ова место го започна од населеното место Претор од каде тргнавме заедно со тимот на Преспанскиот Херој, Васил Јанкула, а под водство на капетанот Симе Спасоевски.

 

Прво поминавме до населеното место Коњско, последното македонско село пред албанската граница. До него се стигнува преку селото Стење и ова е местото од каде најчесто тргнуваат чамците со кои доколку сакате може да стигнете на островот.

 

После една обична метална табла е албанска територија. Веднаш на албанскиот брег може да забележите една навистина интересна пештерска црква.

 

Полека започнавме да се приближуваме до островот некаде од неговата јужна страна каде е забележливо огромно присуство на птици.

 

Тоа е и една од интересните појави на островот, односно најголемиот дел од птиците живеат само од оваа страна на Голем Град. Не одат во другиот дел на островот. Токму поради нивниот измет дрвјата тука веќе се комплетно уништени и исушени.

 

На островот има само 2 заливи со мали плажи од каде може да се качите на него, една од тие е и оваа каде застанавме и ние. Тука веднаш ќе ве пречека информативна табла. Веднаш до беа се уште стојат местата каде порзано се врзувале кајчињатат, што е доказ дека езерото за 2-3 децении е повлечено 20-тина метри. Инаку островот Голем Град е под ингеренција на Националниот парк Галичица. Низ целиот остров иима патеки за движење обележании со знаци. За да не лутате низ него не треба да излегувате надвор од патеките кои ве водат до најзначајните места на Голем Град. Островот со луѓе бил населен уште пред нашата ера.

 

Островот е преполн со остатоци од цркви. Во средниот век тој бил голем манастирски комплекс. Прво што ќе посетите е црквата посветена на Свети Петар која и едиинствено е зачувана. Веднаш до неа, обрасната целата во зеленило се наоѓа мал манастирски конак каде во 19 век живееле монаси, но и за време на Илинденскиот период се криеле преспанските револуционери. Следно пак што може да посетите се остатоците од црквата посветена на Свети Димитриј. Тука начекавме туристи од Белгија и Чешка.

 

„Јас сум од Белгија. Ова е мое прво патување за Македонија. Пристигнавме во Скопје, го посетивме националниот парк Маврово, кој исто така беше многу убав. Бевме на планинарење во Галичица националниот парк. Одлучивме да дојдеме тука, читавме дека ова е остров на птиците, ми кажаа дека е преполн со птици, што и навистина е така. Од едната страна има специјални дрва таму, кои се полни со измет од птиците и изгледа тие дрвја ќе изумрат, но од оваа страна на островот тоа не е така. Многу ексклузивен остров, со многу птици. Исто така слушнав дека се вика и островот на змиите, незнам зошто но јас не видов змии, видов само желки. Островот е многу убав, а Македонија е прекрасна држава“, рече Колет Фалагара, турист од Белгија.

 

На островот има и помали пештери. Точно ова место во езерото е тромеѓето помеѓу Македонија, Грција и Албанија. А од оваа позиција се гледа и местото Нивици, каде беше потпишан Преспанскиот договор. Овие објекти се претпоставува дека првично биле римски бањи, а подоцна служеле како резервоари за вода.

 

Голем Град има интересна флора и фауна. Тука доминира дрвото Фоја. Понекогаш поради недопрената природа од човечка рака, ова место делува како да не е од оваа планета.

 

Како што кажавме тука се гочемиот број на птиви, како што е пеликанот, а островот е познат и по змиите, но за наша среќа не забележавме ниту една.

 

„Има уште многу неоткриени работи, но тие неможат да се опишат со зборови, тие треба да се доживеат. И се надеваме дека во идниот период ќе ни помогне државата да ја промовираме Преспа и да станеме број 1 туристички регион на Балканот“, истакна Васил Јанкула, туристиички водич.

 

Островот Голем Град е дивиот бисер на Преспа, тука се уште владеат животните и природата. За голема среќа човекот ја нема својата доминација тука. Максимално со сите сили треба да се потрудиме тоа и да остане така, затоа што ваквите предели, недопрени од човечка рака се се поретки во светот и претставуваат бесценето богатство. Овој остров треба туристички да се промовира, но сепак и понатаму треба да оставиме главниот господар тука да биде природата.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.