Од 1 октомври лекови само со лична карта, се укинуваат и квотите

Facebook
Twitter
Email
Print

Од 1 октомври здравствените осигуреници ќе треба да покажат лична карта или пасош за идентификација при препишување на лек кај лекар, како и при подигање на лекот во аптека,  најави Фондот за здравствено осигурување. Исто така најавија и укинување на квотите, односно нема да има ограничување на лековите на рецепт.

 

„Од први октомври, при препишување на лекови ќе се бара граѓанинот да покаже лична карта, како и при подигање на лекот. За децата, лековите ќе ги подигаат родителите. Ќе може да подигнат лек и за член на семејството, но тој што подига да покаже лична карта”, вели Даниел Дончев, директор на Фондот за здравствено осигурување и додава дека со тоа ќе се реши недостатокот на лекови на рецепт.

 

Исто така се планира за неколку месеци да се воведи и електронски рецепт, а хартиените рецепти да се укинат. Но, со цел да има увид во валидноста и во веродостојноста на секој издаден рецепт за лек што е на негов товар, Фондот за здравство воведува дополнителни контролни механизми, односно во секоја аптека ќе има скенери кои ќе ја снимаат личната карта на осигуреникот кој ги подига лековите.

 

„Ќе има и т.н. црвени знаменца кои ќе ни сигнализираат ако некој лекар препишува лекови над просекот, на пример, над 20 лека на рецепт месечно. Мора да ги засилиме механизмите на контрола ако сакаме оваа голема бенефиција да ја уживаат осигурениците на Фондот и затоа воведовме со лична карта да се препишуваат и  да се подигаат лековите. Сега од 1 октомври на секој рецепт матичниот лекар ќе мора да го внесе и бројот на личната карта за да имаме увид кој ги подига лековите на рецепт. Досега можеше 100 рецепти да бидат препишани на 100 осигуреници, пациентот тоа да не го знае, а во Фондот немавме увид во реално време кога лекот е препишан и издаден. Со овие новини ќе имаме увид“, рече Дончев.

 

Овој систем досега се применувал во Шведска и наскоро ќе биде официјално промовиран. Од ФЗОМ најавуваат и кампања за информирање на граѓаните.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи