Јовески: Предметите што се во фаза на судење остануваат кај обвинителите од СЈО, бомбите ќе се користат како докази

По преземањето од страна на Републичкото јавно обвинителство, предметите од СЈО ќе се распределат по обвинителства и по обвинители, а дотогаш предметите што се во фаза на судење остануваат кај обвинителите од СЈО, кажа државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.

 

Јовески истакна и дека нема да има никаква пречка бомбите да се користат како доказ во постапките пред судовите по преземањето на предметите.

 

„Ги преземаме предметите во фаза на судење, истрага и предистрага. Судовите веќе ги прифатија бомбите како докази и ние ќе ги користиме како докази во натамошните постапки. Разбирам дека одбраната може да има поинакво гледање на нивната валидност, но ќе оставиме на судовите да донесат соодветна одлука во секоја постапка“, посочи Јовески.

 

Републичкиот јавен обвинител очекува до крајот на денот да заврши трансферот на предметите од СЈО во редовното обвинителство.

 

„Утринава е почнат процесот на преземање на предметите и до крајот на денот очекувам да заврши. Наредните денови ќе продложат техничките детали. Кој ќе постапува по нив, односно кое надлежно обвинителство и кои точно обвинители, дополнително ќе утврдиме. Тековните судски предмети можно е ден- два да се одложат, но ние ќе им дадеме приоритет на овие предмети“, рече Јовески.

 

Јовески појасни дека функциите на обвинителите во СЈО мируваат додека работеле во ова Обвинителство, па Советот на јавни обвинители ќе ги врати во обвинителствата од каде што дошле.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.