Протест на здравствените работници: Ако не запре насилството, нема да работиме

Под мотото „Стоп за насилство врз здравствени работници“ денеска претпладне во кругот на Клиничкиот центар се одржа протест во организација на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари, како резултат на серијата напади што се случија во изминатиот период врз медицинските работници од страна на пациенти и нивни роднини.

 

Тие проблемот го гледаат во политичката апатија, негрижата и инертноста кон здравствениот систем, кој, велат, континуирано пропаѓа.

 

„Собрани сме да кажеме доста е. Ова ќе биде наш последен револт, повеќе не смее да дозволиме да бидат напаѓани здравствените работници. Долги години тенденциите и негативната кампања се одразуваат врз медицинските работници, а целта е да се стават во сенка лошите одлуки на раководните лица во системот. Време е да се преземат мерки за подобри услови на работниците и пациентите. Ќе престанеме да работиме се додека овие прашања не бидат решени“, рече Ненад Лазаров од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари.

 

„Последниве 30 години свесното и несвесното уништување на здравствениот систем кулминира. Близу сме до крахот на здравствениот систем. Револтот кај граѓаните кулминира и затоа се овие секојдневни инциденти“, додаде Лазаров.

Иако барањата се до Министерството за здравство, на протестот во бел мантил дојде и министерот Венко Филипче, кој изрази поддршка за здравствените работници.

 

„Моето присуство овде е поддршка затоа што ова е нешто што се случува со години наназад. Обезбедувањето треба да биде професионално. Минатата година имавме обиди да обезбедиме некаква форма на професионално обезбедување со оглед на тоа дека обидите да се искористат вработени од јавниот сектор беа неуспешни заради административни пречки, сега се решивме за професионално обезбедување“, рече Филипче.

Според министерот нема никаква логика да се крене рака на докторите, кои секојдневно се грижат за нашите најблиски. Тој сепак истакна дека е потребно да се спроведе процес на враќање на довербата меѓу пациентите и здравствените работници, да се упати порака дека со насилство не се решаваат работите.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien