Борба против лажните вести со поголема транспарентност, но од зад затворени врати

Facebook
Twitter
Email
Print

Лажните вести претставуваат голема закана за безбедноста и демократијата во современото општество, затоа, мора да научиме да правиме разлика меѓу лагите и конструктивните критики кои се сојузник во нашето работење, рече денеска премиерот Зоран Заев, на  Конститутивниот состанок на Акциската група за координација на институциите на државата за борба против дезинформации и напади на демократијата.

 

Новинарите имаа можност да присуствуваат и да ги ислушаат говорите на државниот врв, без можност да поставуваат прашања, пред да бидат испратени надвор од салата, бидејќи агендата налагала за седница од затворен тип.

 

Премиерот Заев најмногу се жалеше за континуираното ширењето на дезинформации околу потпишувањето на Преспанскиот договор, чија цел била да ги дезинформираат и дестимулираат граѓаните, како и да се дискредитира референдумот.

 

„Трендот на ширење шокантни вести и невистини е најголем поткопувач на демократските, реформските и прогресивните процеси во општеството. Денес, дезинформациите, користејќи ја развиената технологија, предизвикуваат етничка, политичка и верска нетрпеливост, а во регионален контекст се заеднички непријател на помирувањето на земјите од Западен Балкан“, напомена Заев и дополни дека земјава посебно во последните две години се соочи со овој феномен.

 

Според претседателот на државата Стево Пендаровски, во ера на дигитализација кога сите информации ни се достапни со еден клик, често немаме можност да направиме разлика меѓу издржана и професионална вест од дезинформација, а општество без силни медиуми не може да се развива демократски.

 

„Иницијативи од овој тип преземаат, не само владите и државни институции, туку и големите медиумски куќи, технолошките гиганти и граѓанските организации, кои знаат дека борбата со дезинформации ја поттикнува медиумската писменост и безбедната употреба на интернетот, но исто така знаат преземање и на сериона општествена одговорност за нашата заедничка иднина. Благодарение на дигитализацијата и на технолошкиот развој денес живееме во ера каде со еден клик ни се достапни илјадници вести за најразлични теми и кога можеме да ги следиме случувањата и во најдалечните места на планетата во реално време. Меѓутоа, како консументи на огромниот број медиумски информации често немаме можност да правиме разлика дали тоа што пред нас е вест која ги следи новинарските стандарди и дали е проверена информација заснована на факти која му служи на јавниот интерес или пак е производ на пропаганда со цел да ја дезинформира јавноста. Во изминатите години го видовме потенцијалот на лажните вести, да влијаат врз крупни политички и граѓански процеси и кај нас и во светот. Лажните вести, полека, но сигурно, стануваат една од приоритетните закани за националната безбедност на многу држави заради нивниот капацитет да ја изобличуваат вистината и да ги поткопуваат вредностите на демократијата како политички систем“, смета претседателот на државата, Стево Пендаровски.

 

За првиот човек на законодавниот дом, Талат Џафери, лажните вести прават штети во општеството кои не можат да се надоместат.

 

„Денешниот состанок е прв чекор, но неопходен во борбата против лажните вести. Воедно е и знак дека  дезинформациите како држава не засегаат и дека оваа многу негативна појава е сериозно сфатена. Живееме во свет на глобализација, асовремена технологија која се менува и постојано се усовршува. Границите кои некогаш беше невозможно да се поместат, се придвижуваат се повеќе. Тоа ме радува и ме плаши зашто значи дека информациите, но и дезинформациите се шират со голема брзина. Штетата што дезинформациите може да ја предизвикаат, не може да се поправи и да се врати назад. Информацијата и дезинформацијата денес се најсилното оружје со кое се нарушува интегритетот на личности и држави, се шири општа недоверба во институциите, меѓу земјите. Штетите од лажните вести не можат да се надоместат, бидејќи информацијата е овде и сега, тенденциозно ги дискредитираат личностите и институциите. Токму затоа е потребна борба против дезинформациите и како еден дел од битката, Собранието е секогаш транспарентно за својата работа и секогаш сме отворени кон граѓаните и новинарите“, порача претседателот на Собранието, Талат Џафери.

 

Министерот за отчестност и транспарентност Роберт Поповски кој го модерираше состанокот, информира дека е во тек изготвување Акциски план за системско справување со дезинформациите, а опфаќа низа активности кои допрва ќе се спроведуваат, како и две групи мерки: безбедносни, кои се однесуваат исклучиво на Владата и другите државни институции, како и проактивни, кои се однесуваат на граѓанството (медиуми, здруженија, новинари поединци).

 

Во Акциската група учествуваат Владата, Собранието, Кабинетот на Претседателот, министерствата за одбрана, внатрешни и надворешни работи, администрација, образование и наука, како и Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и Оперативната техничка агенција.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи