Прилеп се вклучува во одбележувањето на Европската недела на мобилност

Европската недела на мобилност од 16-22 септември, годинава се одбележува во 3.000 европски градови и педесетина земји. Општина Прилеп се приклучи кон одбележувањето, чија годинешна тема е „Пешачи со нас“, со цел да се промовира безбедното пешачење и возењето велосипед.

 

„Целта на овој настан е да се подигне јавната свест за придобивките од пешачењето и од движењето, а воедно да ги поттикне локалните власти и институциите да преземат што повеќе мерки за подобрување на инфраструктурата која што е потребна за овој начин на мобилност на граѓаните. Крајна цел е, преку воведувањето нови иновативни мерки, да се подобри здравјето на луѓето, намалување на сообраќајниот метеж и намалување на загадувањето на животната средина“, истакна Винета Иваноска од Општина Прилеп.

 

Меѓу активностите кои Општина Прилеп ги презема во насока на одбележување на Европската недела на мобилност, се бесплатното целодневно користење на градскиот превоз денес, 19 септември, а во недела ќе биде одбележан „Денот без автомобили“ со организирање велосипедско дефиле и воспоставување пешачка зона во центарот на градот.

 

„Со цел да ги стимулираме граѓаните да го користат градскиот превоз и да обезбедиме почиста животна средина, денес, 19 септември, обезбедуваме бесплатно возење со автобусите на сите три линии во градот. Апелираме до граѓаните за почесто користење на градскиот превоз, со цел да го зачуваме чистиот воздух“, рече в.д. директорката на ЈП ПУП, Марија Цветаноска.

 

„Во недела на 22 септември ќе се одржи велосипедско дефиле, кое ќе започне во 17.30 часот од Камената бина и ќе се возат два круга по предвидената траса, во вкупна должина од 10 километри. Истиот ден од 17.00 до 20.00 часот, булеварот ‘Гоце Делчев’ ќе биде затворен за сообраќај од крстосницата со улицата ‘Прилепски бранители’ до ‘Тинекс’, и тој дел ќе биде пренаменет во детска зона во која ќе има бројни активности за најмладите“, напомена Цвете Станојоска од одделението за ЛЕР на Општина Прилеп.

 

 

Годинава во одбележувањето на Европската недела на мобилност се вклучуваат и членовите на клубовите „Биди зелен“ од Гимназијата „Мирче Ацев“ и СОУ „Ристе Ристески-Ричко“. Тие спроведоа анкета за велосипедската култура и инфраструктура, а воедно во сабота на неколку локации во градот ќе спроведат и еколошка акција.

 

„По повод Европската недела на мобилност, ние учениците од СОУ ‘Ристе Ристески-Ричко’ и Гимназијата ‘Мирче Ацев’ во нашите училишта спроведовме анкета на тема ‘Велосипедска култура и инфраструктура’. Резултатите од анкетата покажуваат дека испитаниците во најголем дел поседуваат велосипеди, но не ги користат како превозно средство. Напротив, користат автомобили и автобуси, со што се соочуваат со проблеми на патиштата, недостиг од велосипедски патеки, како и небезбедни услови за паркирање на нивните велосипеди“, потенцираа средношколците Христијан Пусоски и Наталија Спиркоска, кои истовремено ја истакнаа важноста од користење на еколошки превозни средства, како замена на моторните возила кои предизвикуваат загадување на животната средина.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи