Вработените во СЈО имале „црн фонд“, сега Јанева го бара за својата одбрана во „Рекет“

Преку 80.000 евра биле собрани во колективниот фонд на вработените во СЈО, таканаречен „црн фонд“, при што 11-те обвинители секој месец оставале по 3.000 денари, додека останатите 110 вработени оставале по 1.000 денари, а со фондот управувала Катица Јанева.

 

„Тука нема ништо спорно. Од нашите примања месечно сите одвојуваме средства во тој фонд, а парите се користеа за заеднички потреби“, објаснуваат обвинители.

 

По примено барање за потреба од средства, Јанева ги одобрувала, а средствата ги исплаќал благајник. Обвинителите не знат колку пари останале во фондот, бидејќи како се собирале средства, така и тековно се трошеле – за приватни и службени цели.

 

Јавноста се заинтересира за овој фонд по писмото на Јанева од притвор, во кое неофицијално барала пристап до тие средства со цел да ги искористи за својата одбрана.

 

Во моментов користењето на тој фонд е блокирано, со оглед дека Јанева ги одобрувала средствата. Обвинителите сметаат дека по истиот принцип по кој се собрани, парите сега треба да им се распределат на сите вработени, вклучително и на поранешната шефица, без разлика дали навистина ги бара и за каква потреба.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.