Иванов ја доби тужбата со ДКСК – Антокорупциска ќе се жали до Вишиот управен суд

Поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов ја доби тужбата која против него ја покрена Државната комисија за спречување на корупција, во врска со указите за унапредувања во АРМ за време на избори. Управниот суд пресуди во полза на Иванов, односно донесе одлука дека немало ништо противзаконско во наведените унапредувања.

 

„Судот смета дека антикорупциска комисија требало правилно и целосно да ја утврди фактичката состојба, а не само деклараторно да се посомнева во преземените дејствија на тужителот, претседателот. Оттука, судот оцени дека од страна на тужениот орган не се сторени доволно напори за утврдување на фактичката состојба“, стои во одлуката на управен донесена на 18-ти септември во итна постапка бидејќи е поврзано со изборни процеси.

 

Според Управниот суд, Антикорупциска ја донела одлуката без да му овозможи на Иванов да изложи своја одбрана. Освен тоа, според Управниот суд противуставно е да се укине веќе стекнат офицерски или генералски чин.

 

Сепак унапредувањата на Иванов беа заменети со друг указ на новиот претседател Пендаровски, кој две од одлуките на претходникот ги потврди, додека изврши смена на три други  позиции.

 

Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска изјави дека ќе поднесе жалба до Вишиот управен суд на пресудата на понискиот суд. Вели дека ќе ја почека одлуката по жалбата, па потоа може да се зборува за евентуални последици од пресудата на Управен суд.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien