Пропадна најстарата туристичка компанија во светот – Thomas Cook

Најстарата туристичка компанија во светот, Thomas Cook, пропадна и зад себе остави стотини илјади патници ширум светот во неизвесност. Сега ќе стартува најголемата операција за враќање на луѓето дома во британската историја.

Ликвидацијата на компанијата, во која се вработени 22.000 луѓе, го означи крајот на една од најстарите британски компании, која започна со работа во 1841 година со организирање локални излети. Преживеа две светски војни, беше зачетник на туристичките пакет-аранжмани и масовниот туризам.

 

Компанијата управуваше со хотели, одморалишта и авиони, кои угостуваа 19 милиони луѓе годишно во 16 земји ширум светот. Моментално има 600.000 туристи, најголем дел од Германија, Велика Британија и од Скандинавија, ширум светот оставени сами на себе, па тоа ја принуди британската влада да координира операција за згрижување на клиентите на компанијата.

 

Од компанијата со длабоко жалење истакнаа дека престануваат со работа откако не успеале да постигнат договор со доверителите во текот на викендот. Британската управа за авиосообраќај објави дека Thomas Cook престанува со работа и дека властите имаат подготвено авиони кои ќе почнат да враќаат во Велика Британија повеќе од 150.000 британски туристи во текот на идните две недели.

 

„Сакаме да упатиме извинување до милионите наши клиенти и до илјадниците вработени, доставувачи и партнери кои не поддржуваа низ годините. Длабоко жалиме што не успеавме“, изјавија од Thomas Cook.

 

На социјалните мрежи се појавија фотографии од напуштените авиони на Thomas Cook, кои се отстранети од своите позиции на аеродромите, како и од вработените кои ги напуштаат. Откажани се сите летови на компанијата, а патинците се советуваат да не одат на аеродромите, туку да побараат информации за организираното враќање дома на интернет-страницата на компанијата.

 

Британските власти ги контактирале и хотелите во кои се сместени клиентите на Thomas Cook за да ги известат дека трошоците ќе ги преземе британската влада преку осигурителните компании. Ова се случило откако во Тунис биле задржани британските гости во хотел додека не се реши ситуацијата со плаќањето на нивното сместување.

 

Колапсот на туристичкиот гигант може да предизвика хаос во целиот свет, пренесува Reuters, напоменувајќи дека туристите сега се наоѓаат во хотели со неплатени хотелски соби и на оддалечени дестинации како Гамбија или Грција. Thomas Cook се сруши под товар на долговите во износ од 1,7 милијарди фунти, поради конуренцијата на онлајн туристичките услуги, промената на туристичкиот пазар на која не успеа да се прилагоди и поради геополитичките случувања.

 

Компанијата минатиот месец постигна договор со кинескиот акционер Fosun Tourism и со група банки и сопственици на обврзници за финансиска инјекција од 900 милиони фунти. За возврат кинеската компанија требаше да стане сопственик на најмалку 75% удел во туристичкиот бизнис на Thomas Cook и на 25% удел во авиокомпанијата. Останатите удели требаше да отидат во рацете на заемодавци и сопственици на обврзници. Но, во последен момент компанијата се соочи со нови барања за пронајде дополнителни 200 милиони фунти за да се постигне договор со заемодавците за докапитализација, која требаше да и помогне да ги намали долговите и да ја преброди зимата, кога има послаба побарувачка за патувања.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien