Викендов се одржува првиот Фестивал на храна и култура „Taste Krusevo“

Викендот што претстои, од 27 до 29 септември, во Крушево ќе се одржи првото издание на Фестивалот на храна и култура „Taste Krusevo“ во организација на СОУ Наум Наумовски Борче.

 

Во рамки на натпреварот ќе се одржи гастрономски натпревар преку кој ќе се приготвуваат традиционални крушевски јадења, дегустација на храна и посета на културни знаменитости за учесниците, но и за сите посетители. Крушевското средно училиште очекува учество од повеќе државни средни училишта, државни универзитети, но и субјекти од странство.

 

„Сакам да работам и знам дека настанот ќе успее особено оти си имам работа со млади од Крушево и нивниот оптимизам ме тера да дадам максимум. Дополнително, жално е еден град како Крушево кој има толку многу да понуди, да го перцепираат само преку неколку настани и неколку културно – историски споменици. Затоа, „Taste Krushevo“ треба да покаже колку ние неколкумина имаме оригинални идеи, амбиции и најмногу од се сопствен стил“, изјави Снежана Миленковска, директорка на СОУ „Наум Наумовски Борче“.

 

 

За градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски овој настан е потврда за широката понуда и туристичкиот потенцијал на Крушево.

 

„Имаме многу содржини во Крушево и навистина имаме многу да понудиме. Ако цело лето имавме богата понуда за авантуристички спортови и чист воздух, еве сега на почеток на есента покрај авантурата преку „Taste Krusevo“ на посетителите им го нудиме вкусот на нашата храна и историското богатство на културните знаменитости. Ги поканувам сите граѓани од државата и надвор од неа да не’ посетат за овој фестивал и да ја дегустираат вкусната храна“, вели Христоски.

 

Како поддржувачи на овој настан се јавуваат општина Крушево, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Центарот за средно стручно образование, Локален младински совет Крушево, When in Krusevo, Викенд во Крушево, како и многу индивидуалци – Димитар Ангелкоски, Теано Кардула и други.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи