Десет поранешни пациенти, кои биле хоспитализирани на Ортопедското одделение на Клиничката болница – Штип, се заразиле со вирусот хепатитис Ц.
Заразените поранешни пациенти на Ортопедија се повозрасни мажи и жени, од различни градови во источниот регион од државата. Заеднички им е што претходно биле пациенти на Ортопедија, едни оперирани, а дел и неоперирани. Последните двајца пациенти се откриени откако самоиницијативно направиле испитувања на крвта по веста во медиумите.
Изворот на заразата се уште не е утврден. Не го покажа ниту контролата на Државниот и санитарен инспекторат, ниту на Комисијата за интерхоспитални инфекции на Клиничката болница. Дополнителни епидемиолошки истражувања треба да утврдат точно од каде потекнува заразата.
Директорката на Центарот за јавно здравје – Штип Марија Димитрова вели дека ја следат состојбата со поранешните пациенти на Одделението за ортопедија во Клиничка болница-Штип, а побарале помош и од колегите од Скопје.